Норвешка министерка поднесе оставка поради објава на Фејсбук


Норвешката министерка за правда Силви Листауг денеска поднесе оставка, со што е избегната криза во десноцентристичката малцинска владина коалиција.

Доколку Листауг не поднесеше оставка, Парлментот денеска ќе требаше да гласа за недоверба кон неа. Предлогот за интерпелација на Листауг се очекуваше да го поддржи опозицијата предводена од Лабуристичка партија (АП), но и Христијанската народна партија (КФП) од чија поддшка зависи опстанокот на малцинската Влада.

Листауг е член на десничарската антиимигрантска Поргресивна партија (ФРП), која ја сочинува коалициската влада заедно со Конзервативната партија (Хојре) на премиерката Ерна Солберг и Либералната партија (Венстре).

До кризата дојде кога министерката за правда на Фејсбук објави фотографија на група исламисти со црни маски и напиша: „За Лабуристичката партија правата на терористите се поважни од националната безбедност”.

Тероризмот е многу чувствителна тема за лабуристите, кои се уште не се опоравени од нападот на ултрадесничарот Андерс Брејвик, кој во 2011 година отвори оган врз присутните на летниот камп на подмладокот на АП на островот Утоја, убивајќи 69 лица.

Објавата на Листауг предизвика револт во јавноста, по што таа ја избриша од Фејсбук и се извини. Но, опозициските партии не го прифатија извинувањато, оценувајќи дека Листауг не е искрена и бараа да поднесе оставка.