Никола Груевски осуден на две години затвор за мерцедесот


Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на 2 години затворска казна за примање награда за противзаконито влијание во случајот „Тенк“ а Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер за внатрешни работи, е осуден на казна затвор од 6 години и 6 месеци за злоупотреба на службена положба.

Експремиерот Груевски не беше во судницата, додека Поповски, кој вчера беше осуден на 9 години затвор за друг случај, дојде во судницата со лисици на рацете.

Судењето се одржа во новата зграда во Кривичниот суд, под големо полициско обезбедување а групата поддржувачи кои се собраа пред судот, откако ја слушнаа пресудата, незадоволни, почнаа да ги тресат оградите и извикуваа „Никола, Никола“.

„Од чесен човек направија криминалец“, рече една жена од групата демонстранти.

Груевски е осуден во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес. Ова е прва пресуда за експремиерот за случаите што ги отвори СЈО.   (Ф.Ф.)