Неколку илјади граѓани протестираа за одбрана на уставното име на Македонија
Неколку илјади граѓани протестираа вечерва од Мисијата на ЕУ во Скопје, па се до Собранието за одбрана на уставното име на Македонија и за прекин на преговорите за името со Грција.
„Бараме итен крај на разговорите за името на државата. Отфрламе референдум за името. Ја повикуваме власта да се откаже од намерата за промена на името, ја охрабруваме опозицијата да ги одбрани името и идентитетот на македонската нација. Тој аманет од историјата мора да го исполниме“, порачаа учесниците.
Протестот го организираа здруженијата „Тврдокорни“ и „Македонски обединети сили“, а во првите редови беа владиците Петар и Агатангел.
„Само Господ може да ја спаси Македонија, во оваа ситуација кога сме понижени до тој степен. Ние самите да си направиме наше конечно и духовно и национално опстојување. Во голема мера има забелеша на МПЦ дека не се труди за националниот идентитет, но не е така. Жалам што ќе кажам дека некои медиуми не ги објавија ставовите на МПЦ, а други тивко го соопштија па никој не разбра каков став донесе МПЦ на 26 декември 2017 година„ рече митрополитот преспанско -пелагониски Петар на протестот.
Дел од учесниците на протестот, пред Собрание го запалија грчкото знаме.
Покрај прекин на преговорите за името, организаторите бараа повлекување на Договорот за добрососедство со Бугарија, повлекување на Законот за употреба на јазиците, и ослободување на притворените за настаните од 27 април во Собранието.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се огради од овој протест, односно порача дека не се организатори.
Фото: Борис Грданоски