Негативен референдум ќе ги загрози пензиите


Економските аналитичари укажуваат дека неуспешен референдум би имал исклучително негативни последици врз економијата. Иако официјалните институции досега говореа само за придобивките од евроатлантските интеграции, негативното сценарио го отвори Штефан Питер, претседател на Советот на странски инвеститори, укажувајќи дека нестабилноста што ќе ја предизвика неуспехот на референдумот ќе влијае врз приливот на странски инвестиции кои ќе се намалуваат, ќе се намалува и трговската размена и тоа ќе влијае врз вработувањата, а од друга страна ќе се изгубат парите од ЕУ- фондовите.

За Горан Рафајловски, консултант и стопанственик, Македонија во моментов е во позиција на потпишан договор.

„Во стопанството кога ќе потпишете договор и кога нема да го почитувате договореното, значи дека не само што иднината не ви е загарантирана, туку е извесно дека иднината не ви постои. Од таа причина, од економски аспект, ќе биде исклучително страшно доколку референдумот не успее. Последиците ќе бидат огромни за Македонија. Тој емотивен момент што сега сите го преживуваме – што правиме и дали сме во вистински правец, може да нè доведе во ситуација да тагуваме доколку референдумот не успее. Зашто, и според најблагото сценарио, најголемиот број луѓе до 50-годишна возраст што ќе можат, ќе се иселат од РМ. Исклучително економски мотивирано. И онака во Македонија во овој момент не сме повеќе од 1,6 милиони луѓе, без оглед на статистичките бројки, огромен број на тие жители веќе подолг период живеат во странство. Толку е голема ерозијата во градежништвото во овој момент, што бројот на луѓе што работеа во градежништво е намален за половина од месец март досега, поради запирање на економските активности во градежништвото. Што ли ќе се случи доколку Македонија ги изгуби привилегиите што ЕУ во овој момент ѝ ги дава? Ако нашата насока се ЕУ и НАТО, како што не вадат од уста сите политичари, тогаш треба храбро да излеземе на референдум, поради тоа што сакаме или да имаме држава што ќе им ја оставиме на нашите деца или да имаме празни врати, низ кои нема да има ниту кој да влезе ниту кој да излезе“, вели Рафајловски.

Тој прецизира дека, економски гледано, и онака подзапрената економија ќе има комплетно затишје и сите ќе стопираат да видат кој каде е.

„Ќе има комплетно запирање на сите инвестиции, и домашни и странски, запирање на земање кредити за развој од компаниите. Ќе има една година  тотално економско затишје. Пензиите, платите, социјалните надоместоци зависат од работните места. И во моментов придонесите од работните места не се доволно силни за да ги покријат пензиите и социјалните надоместоци. Намалување на бројот на вработени ќе значи дополнително намалување на придонесите во касите. Исто така, ќе има енормно зголемување на сивата економија, која и онака е на високо рамниште. На местото на овие странски инвеститори ќе дојдат нови, сомнителни, ќе доаѓаат пари од непознати правци, бидејќи по неуспешен референдум следува сигурна блокада од Европската Унија. ЕУ ќе ги замре сите фондови и тогаш ќе се постави прашањето која е смислата да се почитуваат европските правила и закони“, ги исцртува Рафајловски контурите на негативното сценарио.

За Комората на северозападна Македонија, со потпишувањето на договорот со Република Грција, очекувањата се поставени на многу високо ниво, како и на домашните така и на странските инвеститори.

„Евентуалниот неуспешен референдум на краток рок сигурно ќе ги доведе во прашање инвестициите, особено странските инвестиции, нешто што ќе има негативно влијание врз економијата на земјата. Имајќи го предвид темпото на досегашното реализирање на странските инвестиции и евентуалната стагнација на евроатлантските интеграции, сметаме дека на среден рок ваквото сценарио ќе придонесе Република Македонија да продолжи со постигнување на досегашните ниски стапки на раст на економијата. Во случај на негативно сценарио, т.е. неуспешен референдум, бавната економска активност ќе продолжи понатаму, односно ќе можеме да постигнеме само економски раст, но не и економски развој за создавање на поконкурентна економија. Исто така, и ризикот од евентуалната појава на нова политичка криза и негативното влијание што би можело да ја има врз владеење на правото, неефикасната администрација, транспарентноста и отчетноста на политичките чинители, сметаме дека дополнително ќе се одрази негативно врз економијата“, е став на Комората на северозападна Македонија.

И за Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, евроатлантската перспектива е клучна за економскиот развој на Македонија. „Првенствено, членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ се исклучително важни за владеењето на правото и зајакнувањето на институционалниот поредок во Македонија. Овие два аспекта се многу важни особено на краток рок, бидејќи ние бевме сведоци на селективност, пристрасно спроведување и толкување на законите, а не смееме да ја исклучиме тенденцијата таквите практики да продолжат без оглед кој е на власт. Нам, како на општество, ни е потребен колосек кој ќе го осигура наднационална структура како што е Европската Унија. Несомнено, со тоа ќе се овозможи подобар амбиент за стопанисување, пред сè, на постојните бизниси, а економијата ќе може да привлече повеќе странски бизниси, повеќе да тргува со странство, засилен технолошки развој, учење и поголема отвореност на умот. Оттука, ако референдумот не успее, големата несигурност во економијата и во владеењето на правото ќе остане, што на среден до долг рок ќе значи помал раст или стагнација на животниот стандард“, вели Благица Петрески од „Фајнанс тинк“.

Руди Лазаревски, финансиски консултант, во колумна за „Капитал“ пишува дека неуспешен референдум ќе остави зад себе „едно големо Ништо за иднината на економијата“, бидејќи Владата во изминатиот период целата своја енергија ја насочи кон проектот за евроатлантски интеграции. „Странските инвеститори во Македонија, како секогаш однапред добро брифирани за кое било сценарио, ќе се подготвуваат за заминување. Така Телеком може да стане преку ноќ лајка и шајка телекомуникации или лого на некоја од соседните земји. Истото тоа се однесува и за банкарскиот, осигурителниот, производниот бизнис на постојните странски инвеститори“, пишува Лазаревски, додавајќи дека „еродирањето на постојната економија сигурно ќе ги загрози платите, пензиите, социјалната и здравствената помош на над еден милион директни буџетски и парабуџетски месечни зависници. Последователно, куповната моќ на населението ќе падне на најниско можно ниво. И ќе предизвика домино ефект во и онака технички банкротираната економија. Готовинските плаќања ќе достигнат највисоко можно ниво со огромен притисок врз банкарските депозити. Ќе се доведе во прашање опстанокот на ценовната стабилност и курсот на еврото“.

Анита Салтировска