На „Траекторија“ се презентираат СМС пораки за соработката со „Синохидро“
Со презентација на СМС комуникацијата меѓу поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и негови соработници од кабинетот преку која ја договарале соработката со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата во Македонија, во Кривичниот суд почна судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО.
Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.