Научниците од Штипскиот универзитет изработија станици за мерење на квалитетот на воздухот


Научниците од лабораторијата АМБИКОН на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип сами изработија пет станици за мерење на квалитетот на воздухот, од кои две се веќе во функција и се лоцирани околу рудниците „Саса“ и Бучим“.

Раководителот на лабораторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски вели дека речиси две години работеле на склопувањето со референтни сензори од реномирани производители, а направени се и пробните мерења со станиците, кои треба да овозможат поекономично и поефикасно мерење на квалитетот на воздухот. Една од мерните станици е поставена во кругот на лабораторијата АМБИКОН, а прв град каде што ќе постават ваква станица е Штип.

– Во фазата на тестирање имавме поставено вакви мерни станици во Штип и Струмица, исто така, и во одредени програми поддржани од Министерството за животна средина имавме мерења и во град Скопје, заедно со други лаборатории ФАРМАХЕМ и со ТЕХНОЛОГ. Нашите инструменти генерално покажуваат тоа што го гледа јавноста. Значи Штип и Струмица се релативно добри, дури и Штип во зимските месеци имаше само кратки периоди на надминување на нормата од 50 микрограми, што и во суштина е и во рамките на очекуваното, бидејќи сите се грееме на дрва. Меѓутоа е далеку под законските прописи, изјави Мираковски.

Тој забележува дека мерењата ги прават по примерот на америкнската Агенција за животна средина, а целта им е поедноставно и на поразбирлив начин да ги презентираат резултатите, но и какво е и влијанието врз здравјето на луѓето. Во моменов мерењата во земјава предизвикуваат конфузија и збунетост кај луѓето.

– За жал голем број на информации се даваат и често тие се прилично, конфузни, базирани на различен начин на пресметка. Ние во моментов работиме на систем кој што го користи американската Агенција за животна средина и пробуваме реално да ги прикажеме моменталните резултати на база на пресметки. Значи, како еден вид предвидување, предупредување и на базата на пресметките да покажеме какво влијание ќе има квалитетот на воздухот во дадениот момент, а во исто време ќе ги презентираме тие бројки кои што се референтни согласно законските прописи. На еден интересен начин да им се доближи на луѓето полесно да разберат каков е квалитетот на воздухот во дадениот момент. Сега, за жал, информациите се малку конфузни и различни од различни извори, поенцира Мираковски.

Пробните мерења во Штип и Струмица покажуваат дека немаат проблеми со загадувањето. На градовите од источниот регион за да дишат почист воздух им помага конфигурацијата на теренот, а на Штип дополнително и ветерот.

– Според овие податоци што ги имаме, проблеми со загадувањето имаат градовите што се наоѓаат во котлини и што имаат малку поголема густина на население, а проблемот е пред се во зимскиот период. Значи котлините знаат да направат топлинска инверзија, да го задржат воздухот и да го спречат струењето. Тоа е еден проблем, а проблем е и што од друга страна ние се грееме на дрва, кое е доминатно греење за жал и во скопската котлина, посочува Мираковски.

Тој забележува дека други извори кои придонесуваат за загадувањето се секако и сообраќајот и индустриските капацитети, но секој град си е посебен.

Изработката на мерните станици на лабораторијата АМБИКОН е финансиски помогната од стопанството, односно од рудниците Саса и Бучим, а една мерна станица склопена од нивна страна чини десет пати помалку од некоја која се нуди од странските реномирани фирми.