Наместо два, против комарци се прска четири дена по ред


Годинава, наместо по два, се прска против комарци четири дена по ред. Тоа, според градоначалникот Шилегов, не влијае на здравјето на граѓаните, бидејќи средството кое се користи не е штетно.

„Временските услови годинава допринесоа за интензивно размножување на комарците. Во јули температурите беа 18 степени, а летото беше многу врнежливо. Иако веќе предходно беа третирани, одлучивме повторно да прскаме со поголем интензитет. Не можеме да ги предвидиме природните појави ниту временските услови, но можеме соодветно да реагираме. Токму интензивното прскање придонесе бројот на комарци да се намали“, рече Шилегов.

Тој информира дека е направена анализа на средството за прскање, кое е од германскиот производител Баер, заради што и задоцни првото запрашување. Средството минимално влијае на живиот свет, заради што пред секое запрашување редовно се предупредуваат и пчеларите, за да ги заштитат пчелите. (С.Н.)