Над 200 години затвор за упадот во Собранието


По речиси седум месеци од почетокот на судскиот процес за крвавиот упад во Собранието, 16 обвинети вчера беа осудени на вкупно 211 години затвор. На сите нив судот синоќа им одреди притвор или им ја продолжи оваа мерка до правосилноста на пресудата. Осудените оставија впечаток дека високите затворски казни ги очекувале и не ги изненадиле, но нивните семејства што беа дојдени да ги слушнат пресудите не можеа да ги скријат емоциите.

На највисока затворска казна од 18 години беше осуден поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој беше донесен од притвор во судница со лисици на рацете. Неговите колеги од оперативниот штаб што го формирал Чавков, Митко Пешов и Душко Лазаров, осудени се на 15 години затвор. Телохранителот на поранешниот собраниски спикер, Горан Ѓошевски-Леви исто така е осуден на 15 години затвор, а неговиот колега Оливер Поповски на 13 години. Обвинетиот Оливер Радулов, кој беше обвинет за помагање, е осуден на 10 години затвор, додека поранешниот вработен во Агенцијата за разузнавање, Мунир Пепиќ, доби 15 години затвор. На 12 години затвор се осудени обвинетите: Младен Додевски кој влегол во Собрание со фантомка, Горанче Ангеловски-Ќосето и Игор Југ. По 15 години затвор добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо. На 14 години е осуден Вилијам Трајковски. Најниски затворски казни, под законскиот минимум, добија припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими и Александар Василевски-Нинџа. Алими се товари дека ги донел клучевите за да се отворат вратите во Собрание, но како олеснителна околност судот го зеде предвид тоа што му го спаси животот на пратеникот Зијадин Села кој беше најтешко повреден. Нинџа, пак, според судот не бил воопшто во Собранието и никого не тепал, но јавноста го памети неговото сведочење во кое откри дека цел упад се организирал и се координирал од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Единствено ослободен беше оперскиот пејач Игор Дурловски, бидејќи обвинителството не обезбедило докази дека тој извршил кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Влегол во Собранието, но никого не тепал. Судечкиот совет на барање на обвинителството на сите обвинети кои беа во притвор им го продолжи притворот, а оние кои беа во куќен притвор или се бранеа од слобода завршија во притвор во Шутка.

Судијката Добрила Кацарска повеќе од половина час ја образложуваше пресудата и од доказите утврдила дека упадот бил организиран и координиран.

„Сликите, пред сè, од раскрвавените глави на пратениците, ќе останат врежани во сеќавањето кај граѓаните. Ова е настан кој, за жал, влезе во историјата на Република Северна Македонија запишан со црни букви. Најголем дел од обвинетите во своја одбрана зборуваа дека биле изманипулирани, излажани, а некои во Собранието влегле од љубопитност, но судот во никој случај не може да прифати ваква одбрана со оглед дека тие биле свесни за своите постапки. Се зборуваше за емоции, наводно биле поведени од емоции кон татковината, но за какви емоции станува збор кога има насилство, урнисување на Собранието. Зарем татковината се сака со тепање на пратеници, новинари и овластени службени лица. Не, тука не може да стане збор за патриотизам, тоа не е патриотизам“, порача Кацарска.

Чавков и припадниците во МВР, кои биле членови на оперативниот штаб „Платформа“, се осудени бидејќи, иако знаеле за тепањето во Собранието, не издале наредба и не ги повикале специјалните полициски единици, а Чавков во моментот на упадот, наместо во МВР, бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Членот на обезбедувањето на собранискиот спикер Ѓошевски-Леви, како поранешен инспектор во полициската станица во Автокоманда, се познавал со Кољо и ја упатувал толпата кон прес-центарот, каде што мета им биле пратениците кои формирале мнозинство и избрале нов претседател на Собрание, конкретно пратеникот Села кој едвај преживеа и поранешниот пратеник и сегашен премиер, Зоран Заев. Нинџа ја организирал групата која упадна во Собрание и бил цело време во комуникација со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а другите обвинети тепале и пратеници и новинари.

Обвинителката што го водеше случајот, Вилма Русковска, не дојде на пресудата бидејќи била службено во странство, а обвинителката Ивана Трајчева рече дека со пресудата правдата е задоволена. Деветмина од обвинетите се наоѓаат во притвор, но обвинителката побара притвор и за другите обвинети кои се во куќен притвор или се бранат од слобода, со образложение дека може да избегаат поради висината на казната.

Со оваа пресуда се казнети само дел од учесниците во крвавиот четврток. За овој случај како неправда ќе виси Законот за амнестија што го изгласаа пратениците и со кој се спасија 15 обвинети, меѓу кои и пратениците што ги отворија вратите и за кои  обвинителката Русковска е согласна дека ако тие не ги отвореле вратите, немало да се случи крвавиот четврток. На Законот за амнестија се осврна и судијката Кацарска која рече дека судот го разбира револтот на обвинетите за нееднаквиот третман кога за амнестираните беше запрена кривичната постапка.

„Не може да стане збор дека согласно со Законот за амнестија сите обвинети можеа да бидат амнестирани, ниту оние што беа амнестирани да бидат ослободени од кривична одговорност ако доказите го докажуваат спротивното, извршување на кривичното дело кое им се става на товар“, рече Кацарска.


Истрагата за организаторите, која треба да го заокружи овој процес, сè уште не е завршена, но се помести од мртва точка кога обвинителството ги откри и ги осомничи дел од организаторите. Според обвинителството, упадот го организирал поранешниот премиер Никола Груевски, но доказите за него се собраа неколку месеци откако избега. Освен Груевски за организацијата е осомничен поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски кој од притвор го спаси пратеничкиот имунитет, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, разузнавачот Никола Бошкоски кој е во бегство во Грција, а неколку месеци во притвор е и поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски. Судскиот процес за упадот во Собранието почна на 22 август. Обвинетите тогаш беа пречекани како херои, а вчера на пресудата само неколку членови од семејството и познатиот поддржувач на поранешната власт, Бате Геле, ги чекаа пресудите пред судот.

Ќосето сакал да остане во притвор со другарчињата

Горанче Ангеловски-Ќосето, откако беше осуден на 12 години казна затвор, истакна дека нема да бега, бидејќи за тоа немал пари.

„Супер ми е со другарчињата во ‘Шутка’, па затоа барам да си останам таму. Немам пари сега да си отидам до  Велес, а не пак да бегам. Немам пари бидејќи јас не крадев“, рече Ќосето, цело време смеејќи се.

p
Југ: Се чувствувам понижен, и јас требаше да добијам 15-ка

Обвинетиот Игор Југ, кој беше осуден на 12 години затвор, порача дека никогаш не би ги предал своите татковини, а во ваква ситуација, во неговата вистинска татковина – Хрватска, би бил прогласен за херој.

„Вие оценете дали сум човек кој би предал семејство во кое мојата сопруга е самохрана мајка на четири малолетни деца. Финансиската состојба ми е, што би рекле во Куманово, ‘голо куче би побегнало’. Терористи се кријат во африкански, јужноамерикански држави. Својата слобода ја плаќаат со милионски суми. Со што би ја платил слободата? Би дресирал кучиња на Орбан? Се чувствувам понижен, требаше и јас 15-ка да изедам. Немам што да ви кажам. Ќе ве поздравам на мојот мајчин јазик ‘За дом спремни, увјек и навјек’“, рече Југ.

ВМРО-ДПМНЕ: Пресудите се политичка неправда

Пресудата за случајот 27 април е резултат на политички монтиран процес и производ на евидентна неправда, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

„Политички пресуди од вкупно 211 години затвор се вика погребување на правото. Се потврди нашето тврдење дека казните ќе бидат драконски, не затоа што се праведни, туку спротивното, затоа што во овој случај се суди според политички мотиви, а не правни факти. Јасно е дека драконските казни се резултат на политички процес во пресрет на изборите. Тоа е последица на нервозата и паниката кај Заев. Треба да знае дека пресудите и прогонот нема да му помогнат, туку само ќе го тонат подолу“, рече Јанушев.

Фросина Факова-Серафиновиќ
Фото: Борис Грданоски