Мрежата Фејсбук осомничена за кражба на 50 милиони профили


Основачот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Закерберг, се уште се нема произнесено во јавноста во врска со кражбата на 50 милиони профили од страна на фирмата „Кембриџ аналитика“ која во 2016 работела во полза на кампањата на претседателот Доналд Трамп.

Акциите на Фејсбук изгубија во вредност по обелоденувањето на скандалот викендот од страна на „Њујорк тајмс“ и лондонски „Обсервер“. Вредноста на акциите се намали за речиси седум отсто, и компанијата на Волстрит загуби 37 милијарди долари капитализација.

Откритијата за „жнеењето“ на десетици милиони профили искористени за избор на еден претседателски кандидат, дојдоа од Кристофер Вајли, поранешен вработен во фирмата. „Кембриџ аналитка“ профилите ги користела и за победничкиот тим на кампањата за Брегзит, референдум за излез на Велика Британија од Европската Унија.

Закерберг и Шерил Сендберг, главниот директор на социјалната мрежа, беа повикани од редица медиуми и новинари да дадат изјави, откако „Њујорк тајмс“ синоќа објави дека еден од директорите на компанијата си заминува поради судир со други раководни лица за тоа како компанијата се справила со руската кампања на дезинформации.

Тие исто така се повикани и од Капитол хил, на сослушување во Сенатот да одговорот на прашања како била искористена приватноста на 50 милиони корисници во тенденциозни политичко-изборни цели.

Недовербата кај акционерите и инвеститорите се зголеми откако се дозна дека во искористувањето на профилите во полза на Трамп работел руски аналитичар. Тоа е Александар Коган, човекот кој за „Кембриџ аналитика“ ја креирал алатката за користење на податоци од Фејсбук.

Неколку медиуми вчера се поврзаа со Коган, кој е професор на Кембриџ, предавал и на универзитет во Санкт Петербург и правел истражување финансирано од руската влада.

-Западните медиуми ме прашуваат дали сум руски шпион. Им одговорив дека доколку сум, ќе бидам еден од најнесмансите шпиони во историјата, порача тој.

Американски медиуми јавија дека Фејсбук се обидел да го спречи ширењето на скандалот пред да биде обелоденет, но дека тоа направило повеќе штета отколку корист.

Мрежата испратила писма до редакциите во кои изнесувала правни докази дека користењето на приватни информации за 50 милиони корисници било според правилата и немало прекршок на политиката за приватност. Но, откако сториите биле обелоднети, таа ги користела податоците во нив, без претходно да ги провери, како причина да ја прекине соработката со „Кембриџ аналитка“. Според објавениот материјал, фирмата не ги избришала податоците за корисниците иако тоа било предвидено со договор.

Предупредувањата дека руски пропагадни групи ширеле лажни информации на „Фејсбук“ Закерберг лани ги отфрли како несуштествени за исходот на изборите. Легални тимови на оваа и други американските технолошки гиганти како „Гугл“ и „Твитер“ во септември лани беа сослушувани од сенатски и конгресни комисии за разузнавање и безбедност воврска со руската вмешаност во претседателските избори.

Капитол хил сега бара лично присуство на Зукерберг за разјаснување на скандалот со нарушување на приватноста на 50 милиони корисници чии лични податоци биле злоупотребени во политички цели. Во меѓувреме, истрага започна и специјален обвинител од Масачусетс.