МП: Законот за Јавното обвинителство е закон без скриена амнестија


Законот за Јавното обвинителство е еден од клучните закони преку кој ќе се цени спремноста на нашата држава да создаде правна основа за сериозна борба против криминалот и корупцијата, а неговото носење, оценуваат од Министерството за правда, е еден од најважните критериуми за почеток на преговорите со Европската Унија.

– Клучната цел на Министерството за правда е овој закон да создаде одржлив систем, со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот и корупцијата, систем кој нема да содржи скриена амнестија, ниту можност било кој да ја избегне правдата. Услов за отворање на преговори со Европската унија е носење на Законот за Јавното обвинителство во кој СЈО ќе добие основ за трајно постоење во правниот систем на нашата држава, продолжување на постапките кои истото ги води – закон без скриена амнестија, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Од Министерството за правда посочуваат дека во неколку наврати укажувале дека еден од клучните предизвици е разграничувањето на надлежноста меѓу Специјалното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Решението кое е предложено е на линија на предлогот содржан од работната група, составена од обвинители, судии, експерти. Во периодот на објава на законот на Единствениот национален електронски регистар на прописи, од невладините организации не стаса било каков поинаков предлог за измена на овие одредби, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Законското решение усвоено од Владата, се вели во соопштението, содржи гаранции за автономијата и функционалноста на СЈО и тоа беше едно од прашањата кое се дебатираше и од аспект на уставност и целисходност.

-Ставот на Министерството за правда беше дека гаранции за капацитетно вршење на функцијата од страна на СЈО треба да бидат и се содржани во текстот на законот, стои во соопштението од Министерството.

Во однос на користењето на “бомбите“, во соопштението се вели дека, тоа е едно од прашањата за кое укажале дека е посебен предизвик за постигнување согласност од две третини од пратениците во Собранието.

-По опсежни консултации, дали исклучувањето на користењето на аудио материјалите во постапките може да го наруши процесот на докажување на вина во судските постапки, превагна ставот дека нивното користење само како индиции нема да наштети на постапките кои ги води СЈО, а значајно беше да се зачува валидноста на материјалните докази прибрани досега врз основа на аудио материјалите, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Министерството за правда во април 2018 година отвори процес на подготовка на Законот за Јавното обвинителство, кој е дел од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година. Заради транспарентност на процесот, двата закони беа објавени и беа организирани и работилници на кои се дискутираа одредени решенија содржани во двата законски текстови.

Од Министерството ги повикуваат сите кои можат да понудат подобри решенија за измени и дополнувања на законот, истите да ги испратат до Министерството во најскор можен рок, со цел да може да се интервенира за подобрување на текстот во текот на постапката во Собранието.