Молк за глукометрите што ги „убиваат“ пациентите


Од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) до вчера попладне не одговорија на прашањата за тоа колку пациенти пријавиле несакани реакции од глукометрите и лентите, за кои пациентите со дијабетес се жалат дека се толку непрецизни што мерењето со нив им ги загрозува животите.

Глукометрите се апарати што ја одредуваат концентрацијата на глукоза што, пак, помага за превенција на многу високи и на многу ниски концентрации на шеќер во крвта.

„Независен весник“ уште на 15 мај испрати прашања до Агенцијата за тоа колку приговори, односно пријави се поднесени во врска со грешки што ги забележале пациентите при мерење на глукозата, за колку од тие пријави МАЛМЕД утврдила дека се основани, како и кои услови треба да се исполнети за да се повлече лек или медицинско помагало, предмет на пријава? По три недели молк, вчера и Роберт Беќировски, директор на МАЛМЕД, вети дека одговори ќе добиеме, но тоа до затворањето на весникот не се случи.

Дознаваме дека минатата недела претставници на здруженијата на пациенти со дијабетес биле викнати во Агенцијата за лекови за да го разгледаат проблемот со глукометрите, но наместо тоа им биле држани предавања што е фармаковигиланца (збир на активности за откривање, процена, разбирање, превенција и постапување во случај на несакани реакции од лековите, како и нови информации за опасностите од употреба на лекови).

Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, вели дека и тие чекаат информации од надлежната институција.

– Проблем има, пријави од пациентите има, но и ние чекаме реакција од Агенцијата за лекови – вели Киров.

Од Здружението за детски дијабетес „Баланс МК“ ги упатија пациентите што ќе забележат непрецизности да ги пријават кај надлежните.

– Генерално, проблемот не е секогаш во глукометрите, туку и во лентите. Многу често се случува со иста капка крв, со две различни ленти, во рок од десет секунди, апаратот да покаже различен резултат. Ние тоа го знаеме од искуство, особено ако глукометарот е од фирма што не е етаблирана на пазарот – изјави пред извесно време Цвете Серафимовски од „Баланс МК“.

Тој пренесе искуство на пациент од пред околу месец и половина, кога животот му висел на конец поради погрешно измерена гликемија. Со отворено ново пакетче ленти, мерењето покажало гликемија со вредност 26-27. Тоа е енормно висока вредност. Обидувајќи се да го доведе инсулинот во нормала, пациентот паднал во хипогликемична кома. Реалноста е дека гликемијата била далеку под 20. Среќа што блиските биле во близина и интервенирале за да го спасат.

Пациентите со дијабетес добиваат глукометри и ленти преку програма на Министерството за здравство. Критериум за набавката е најниска цена.

– Сѐ уште имаме проблем со глукометрите што ги користиме и затоа ги охрабруваме пациентите да ја испочитуваат процедурата и да пријават во МАЛМЕД. Министерството за здравство ни излезе во пресрет и ни одобри солидна бројка на глукометри „фри стајл либре“ за децата. Со тие може во секој момент да се следи гликемијата. Но, исто така, се многу барани во светски рамки и производителот не може да постигне да одговори на сите порачки. Ние како земја сме ставени на листа на чекање, после Хрватска – рече Серафимовски.

На интернет-страницата на Агенцијата за лекови има формулар што го пополнуваат пациентите за да пријават несакани реакции од лекови или од медицински средства. Има и посебен формулар за доктори што сакаат да поднесат пријава. Но од организациите на пациентите велат дека има нула пријави од докторите.

Глукометрите кои сега ги користат дијабетичарите се од тајванско производство и се набавени според критериумот „најниска цена“. Пациентите бараат глукометрите што Министерството за здравство ќе ги набави на следниот тендер да имаат имплементиран EN ISO стандард и да ги исполнуваат критериумите за минимални отстапувања од референтна вредност. Од Министерството за здравство најавија дека во тендерот за 2019 и 2010 година ниската цена нема да биде главното барање во тендерската постапка.

Во Македонија има околу 40.000 дијабетичари што примаат инсулинска терапија.

С.С.З.