Мнозинството членки на ЕУ ја сакаат Македонија во свое друштво


Мнозинството земји-членки на ЕУ поддржуваат почеток на преговорите со Македонија, после решавање на спорот со Грција.  Македонија веднаш после решавањето на спорот околу името ќе стане членка на НАТО и со тоа уште позабрзано и пооодлучно ќе ги отвори портите на ЕУ.

Ова за МИА го соопштија од Владата во врска со „нон пејперот“ што беше објавен во медиумите во кој се вели дека Европската унија треба за следната пролет да го одложи почетокот на преговорите за членство во Унијата со Македонија и Албанија.

Од друга страна, додаваат, факт е дека постои дебата во ЕУ околу подготвеноста за ново проширување.

– Суштинските и коренити промени во земјата градат силни и услужни институции, праведна држава и силна економија за подобар живот на сите граѓани. Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени од цела Европа и од сите земји-членки на ЕУ. Сите земји-членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската комисија со која Македонија е оценета за најдобро рангирана во регионот на Западен Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи, велат од Владата.

МИА дознава дека документот не е на ЕУ, туку е на две нејзини членки, Франција и Холандија и е поврзан со различните погледи на земјите членки околу проширувањето на Европската унија. Изготвен бил пред Самитот ЕУ – Западен Балкан, што се одржа на 17. и 18 мај во Софија. Во меѓувреме по самитот околностите се сменети.

Како што информира Макфакс во „нон пејперот“ пишува „За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е тукушто започната и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, и се повикува тоа да се земе во предвид, пред да се донесат какви било одлуки во врска со проширувањето.