ММФ ја „снима“ транспарентноста на институциите


Мисија на Меѓународниот монетарен фонд месецов е во Македонија. Овој пат не заради проценка на стопанските и финансиските перформанси на земјата туку за проценка на нивото на транспарентност на клучните државни институции. Денеска се во македонскиот парламент, на средба со Буџетскиот совет на Собранието.

Нема многу информации за оваа мисија на ММФ. Неофицијално, монетарците имаат задача да направат евалуација на фискалната транспарентност, а во земјата се на барање на Министерството за финансии. Консултациите треба да резултираат со препораки за следните мерки што треба да се преземат. И во минатото биле барани вакви типови техничка помош и евалуации од ММФ.

Министерството за финансии набројува 14 клучни промени што ги има направено досега за да ја подобри транспарентноста. На месечна основа ги објавува извештаите за извршување на буџетот по буџетски корисници, квартално се објавуваат реализациите на општинските буџети и на Владата, а во полугодишниот извештај за републичкиот буџет има детални податоци за секој буџетски корисник. Заклучно со 31 мај лани беа објавени сите доспеани а неплатени обврски на буџетски корисници, на јавните претпријатија и на општините. Беа објавени и податоци како е распределен доходот на граѓаните врз основа на податоците на УЈП. Објавен е „Граѓанскиот буџет“ за 2017 година, како и за 2018 година. Министерството организираше јавна дебата со невладиниот сектор, експертите, коморите, синдикатите и претставници на ММФ и Светска банка пред влегување на буџетот за 2018 во владина процедура. Буџетските корисници и јавните претпријатија добија законска обврска своите завршни сметки да ги стават на интернет-страниците, а на електронскиот систем за јавни набавки мора да се објават договорите за јавни набавки и анексите на сите буџетски корисници и на јавните претпријатија. Бирото за јавни набавки ја направи јавно достапна платформата „Отворени податоци“ и имаше неколку дебати за предлог-законот за јавни набавки.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во неколку наврати најави дека во план е да се објавуваат деталите за трошењето на државата.

Недостигот на транспарентност во располагањето со буџетските пари беше главната забелешка на јавноста во изминатиот период, додека беше на власт ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, барањата де се почитуваат начелата на јавност и транспарентност беа сметани за деструкција, а државните првенци велеа дека оние што инсистираат на овие, и тогаш законски обврски, ја уриваат репутацијата на Република Македонија.
Еден ексвицепремиер задолжен за економски прашања тврдеше дека вкупниот долг на државата навистина е тешко да се обезбеди како единствен податок бидејќи тој не постои во Министерството за финансии. Тој објаснуваше дека не постои единствен носител на информацијата колку државата му должи на стопанство.

„Прашајте кој било министер или премиер од претходните влади дали располагал со таков податок. Тој податок не се анализира во Министерството за финансии, секоја институција си го има за себе“, изјавуваше тогашниот вицепремиер. Насловите дека министерот за финансии го крие јавниот долг не беа толку чести во текстовите на новинарите колку во соопштенијата на тогашната опозициска партија СДСМ. Немаше јавност ниту во издавањето ниту во трошењето на еврообврзниците. Грев беше, исто така, на официјална прес-конференција да се прашаат ММФ и Светска банка која е бројката на јавна администрација.

Иако бегло, и во изјавата по завршувањето на мисијата во септември лани, ММФ ја поздрави намерата на новата влада да го зајакне управувањето со јавните финансии и да ја зголеми фискалната транспарентност.
„Властите треба да ја преточат оваа амбициозна агенда во план на приоритети кој ќе се фокусира на клучните слабости за да се подобри управувањето со јавните финансии. Покрај тоа, треба да се преземе акција за отплата и спречување да дојде до ново заостанување на долгови. Новата администрација ги идентификуваше неплатените доспеани владини обврски и блокираните исплати на ДДВ. Важно е да се проверат овие тврдења и да се развие транспарентна рамка за нивно авторизирање. Подеднакво е важно да се воспостави систем што спречува акумулирањето на нови долгови стигнати за наплата со подобра контрола на обврските за расходите“, стои во завршната изјава.

Анита Салтировска