Мицкоски не добива закани, полицајците му помагале при движењето
Двајца припадници на МВР му помагаат на партиското обезбедување на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Нивната асистенција доаѓа по барање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ испратено пред пет месеци. За „Независен весник“ од партијата потврдуваат дека Мицкоски не добивал закани по живот, туку улогата на полицајците, благодарејќи на значките и на овластувањата, била да помогнат при движењето, во сообраќајниот метеж и слично…
„Инаку, тој најчесто се движи сам и без било каква придружба доколку станува збор за поблиски точки. Покрај тоа, Мицкоски може да се забележи на настани и места каде се движи слободно со своето семејство“, информираат од „белиот дворец“.
Одредени медиуми денеска објавија дека Мицкоски бил под полициско движење. Според ВМРО-ДПМНЕ, покревањето на ваква тема е уште еден обид за дефокусирање од реалните афери и криминал што се случуваат во ешалоните од власта.