Мицкоски: Како градоначалник Заев му продал земјиште на неговиот брат


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на пресконференција соопшти дека актуелниот премиер Зоран Заев во времето кога бил градоначалник на Струмица користејќи ја својата функција продавал државно земјиште, каде по повеќе постапки завршува во рацете на неговиот брат Вице Заев.

„Ова е случај каде може многу јасно да се види како се прават бизниси во Струмица, по клучот на картелско и клановско поврзување и ползување на придобивките на функцијата дадена од граѓаните. Имено на 29.12.2014 година одржано е јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште во општина Струмица, во тоа време градоначалник на општина Струмица е сега премиерот г-динот Зоран Заев. На аукцијата се јавува само еден понудувач, а тоа е лицето Сашко Брндевски, од Струмица, бизнис партнер во една од компаниите на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев. На лицитацијата постигната е цена од 2300 денари за м2, а Парцелата со намена за изградба на објект за колективно домување е со вкупна површина од 18462 м2. Пред издавање на одобрение за градење, општина Струмица во тоа време ќе повторам водена од Зоран Заев одобрува на продадената локација да се градат осум нови седумкатници, со вкупна бруто изградена површина од 52850 м2“, рече Мицкоски.

Според него, во февруари 2016 година на Сашко Брндевски му било издадено одобрение за градење за изградба на станбена зграда бр. 8.

„Во истиот месец во 2016 година, лицето Сашко Брндевски склучува договор за пренесување на право на градење на предметната парцела со правните лица ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ – сопственост на Вице Заев и АД Пелагонија Струмица во чиј управен одбор во тоа време пак е братучедот на Заев, Трајче Заев. Ќе потсетам дека Тотал ИНЖЕНЕРИНГ е истата фирма која беше во средиштето на аферата со камиони и превоз на јаглен. Како надоместок за тоа што им отстапил право на градење, лицето Сашко Брндевски добило стан од само 40 м2. Значи еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина 6 888 м2, профит над 1 милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев. Потписници на овој документ се Вице Заев, Сашко Брндевски и управителот на АД Пелагонија Јанев, каде член на управен одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Ова отвора сомнеж дека бизнис партнерот на Заеви е само параванот, а потоа јасно се гледа дека зградите се градат токму од компанијата на братот на премиерот Зоран, Заев, Вице Заев“, соопшти Мицкоски.

Тој прашува како токму братот и братучедот на премиерот ја добиле дозволата да градат на тоа место, дали ги искористиле повластувањата на функцијата на Зоран Заев тогашен градоначалник на Струмица и дали тоа не е конфликт на интереси и целосна морална дисторзија.

Мицкоски апелира до Јавното обвинителство да го испита овој случај.