Министерот за култура Адеми во Истанбул: Потврдена одличната културна соработка со Турција, Црна Гора и со Словенија
Mинистерот за култура Асаф Адеми денеска во рамките на Третата светска конференција за туризам и култура која се одржува во Истанбул, Турција, оствари билатерални работни средби со свои колеги од регионот, меѓу кои и со турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој, со министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, како и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура, Јанс Шкоберне.
На средбата со турскиот министер за култура и туризам, министерот Адеми упати благодарност за топлото гостопримство и честитки за одличната организација на Третата светска конференција за туризам и култура на која беа споделени значајни искуства на земјите-учеснички од сферата на културата и нејзината поврзаност со туризмот.
Соговорниците изразија задоволство од досегашните односи меѓу Република Македонија и Република Турција кои ги карактеризира дух на пријателство и традиција, како и постојани заложби на двете страни за нивно унапредување. Во таа насока, двајцата министри за култура се согласија дека на двете страни постои сериозна подготвеност за реализација на уште многу проекти кои ќе ја интензивираат соработката во областа на културата.
Двајцата соговорници изразија уверување дека наскоро ќе се потпише и новата програма за културна соработка меѓу Министерствата за култура во двете земји, а се осврнаа и на актуелните прашања кои се однесуваат на културните центри во двете земји, како и активностите кои се поврзани со нивното отворање.
Беше нагласена и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација со чија поддршка беа реализирани голем број проекти. Меѓу другите проекти, беа напомнати и редовното претставување на Република Македонија на Саемот на книгата во Истанбул, преводот на дела од неколку македонски значајни автори на турски јазик преку Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици што го реализира Министерството за култура и други проекти од дејностите од областа на културата.
Министерот Адеми, на крајот заблагодарувајќи се за гостопримството, упати покана до својот турски колега да ја посети Република Македонија следната година на 5-тата јубилејна Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.
Во рамките на престојот во Истанбул, министерот за култура Асаф Адеми оствари работна средба и со министерот за култура на Црна Гора Александар Богдановиќ, на која беше изразена подготвеност во наредниот период да се интензивираат соработката и размената на проекти во двете земји.
На средбата беше нагласено дека Република Македонија и Црна Гора досега имаат реализирано успешна соработка на полето на културата во сите дејности од областа на културата, а голем е бројот на македонските уметници кои успешно се претставиле во оваа земја. Двајцата соговорници подвлекоа дека двете држави остваруваат одлична соработка и во рамките на еминентните меѓународни организации, како што се: Форумот за словенски култури, Советот на министри од Југоисточна Европа, УНЕСКО. Беше нагласена и соработката која се негува во рамките на меѓународната мрежа „Традуки“, програмата на Европската Унија „Креативна Европа“, а стана збор и околу Договорот за соработка со календар на активности во 2019 година.
Беше истакнато дека потпишување на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Црна Гора, овозможува интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.
Министерот за култура Адеми, во рамките на Конференцијата во Истанбул, оствари билатерална средба и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура, Јанс Шкоберне. На средбата, министерот за култура Адеми нагласи дека Република Македонија и Република Словенија традиционално негуваат одлични културни релации, а оваа земја е наш голем пријател и поддржувач во евроинтегративните процеси, за што упати уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период.
Двајцата соговорници се договорија за поинтензивна размена на културни програми помеѓу институциите во двете земји, како и поинтензивна соработка помеѓу националните филхармониски оркестри во Македонија и Словенија, со потпишување на билатерални договори, кои би овозможиле заеднички концерти, размена на диригенти, уметници и сл.
На средбата беше истакната и важноста од соработката помеѓу двете земји на мултилатерален план, а освен соработката во рамките на Форумот за словенски култури, во Советот на министри од Југоисточна Европа, се реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО.
Во насока на позначајна презентација на македонската култура во Словенија, на средбата беше разговарано и околу можноста да се основа и Културно-информативен центар во оваа земја.
Во наредниот период се очекува да биде потпишан и нов билатерален документ помеѓу Република Македонија и Република Словенија кој ќе претставува правна рамка за соработка помеѓу институциите во двете земји.