Меркел ќе нѐ стави во петта брзина


Германија ја става Македонија на експресна патека кон ЕУ. Германската влада изразила подготвеност за поблиска економска соработка со Македонија, преку формирање на Управувачки комитет. Иако деталите ќе се знаат за два месеци, заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека комитетот ќе има задача прво да ги определи економските приоритети и потреби на Македонија а потоа да овозможи нивна реализација.

„Управувачкиот комитет ќе каже што сѐ нам ни треба. Тоа значи дека во моментов не е дефинирано во што ќе се состои помошта, туку тоа Комитетот ќе го дефинира, согласно потребите“, посочува Анѓушев, додавајќи дека Македонија добива привилегиран статус кај Германија за да може побрзо да ги реализираме инфраструктурните и другите економски проекти.

Економски тим од Германија доаѓа во Македонија во ноември.

„Во Управувачкиот комитет ќе има членови од нашата Влада и нивни високи претставници. Тој ќе овозможи заобиколување и скратување на бирократските процедури во добивањето помош од Германија, кредити, соработка со германски фирми, се со цел економската соработка да се подобри и Германија да ѝ помогне на Македонија за побрз развој“, вели Анѓушев.

Германија е една од ретките држави со која Македонија има суфицит, повеќе извезува отколку што увезува. Трговската размена годинава треба да достигне до четири милијарди евра, што ја прави Германија најголем економски партнер. Истовремено, Германија е и еден од најголемите поддржувачи на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, што се гледа по доаѓањето на германската канцеларка Ангела Меркел во сабота, но и по сите досегашни постапки на ЕУ лидерот кон Македонија.

„Кога ќе помислиме на Германија, прва асоцијација е економија и индустрија. Тоа е една од најмоќните индустриски развиени земји, супрериорна во делот на техниката и технологијата. Во таа смисла, Германија изразува подготвеност со Македонија да соработува поблиску. Комитетот во моментов е идеја и дадена можност што Македонија треба да ја искористи“, вели Анѓушев, додавајќи дека во моментов не е прецизирано кој ќе влезе во Комитетот од македонска страна, кој ќе претседава.

Замислен како филтер  низ кој би поминувале сите наши економски планови и барања и би добивале побрза конкретизација, управувачкиот комитет треба да ја скокне процедурата наше МНР, обраќање до германско МНР, поставување на барањето во соодветно германско министерство, па од таму во германската влада, каде би се разгледувало и би се чекал одговор. Со Управувачкиот комитет ќе се прескокнат сите овие чекори, потврдува Анѓушев.

„Ако ни треба кредит за каков било инфраструктурен проект, или ни треба побргу да се испроектира, или пак бараме македонските фирми да станат подизведувачи на германските фирми, односно како повеќе германски фирми да дојдат во Македонија, сѐ ова би било во делокруг на Управувачкиот комитет“, објаснува Анѓушев.

Дека навистина Германија ја става Македонија на експресна трака кон ЕУ потврдува и информацијата за доаѓањето на советник од Германија во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Анѓушев за него не сака да зборува подетално, оти вели, тој не е само за економија, туку и за други работи и ќе биде постојан советник во премиерскиот кабинет.

Анита Салтировска