Маршеви за ограничена употреба на оружјето во САД


Неколку стотици илјади Американци се собраа денеска на протест во Вашингтон барајќи построга контрола на употребата на оружје во САД, а слични собири се одржаа и во Њујорк, Лос Анѓелес и стотици други американски градови.

Според организаторите, митингот под мотото „Марш за нашите животи“, може да стане решавачки во донесувањето на закони за засилена контрола на употребата и ширењето на оружјето во САД.

Mаршот се оценува како еден од најголемите протестни акции од времето на војната во Виетнам, кога половина милион луѓе протестираа против политиката на Белата куќа.

Истовремено, слични протести се одржуваат и во повеќе од 800 американски градови. По бројност, покрај Вашингтон, слични масовни протести има и во Њујорк и во Лос Анѓелес.

Противниците на употребата на оружје на таков начин демонстрираат сплотеност пред властите дека американското општество е спремно за радикални промени во однос на законодавството и Вториот аманман. Извршната и законодавната власт во САД се под контрола на републиканците, кои традицинално се за заштита на Вториот амандман, кој го гарантира правото на носење оружје.

Безбедносните органи порачаа дека се подотвени да обезбедат јавен поредок и да спречат секакви немири и нарушување на законот.

Помеѓу демонстрантите се огромен број на млади, средношколци и студенти, кои во последно време земаа активно учество во слични настани.

Училишните установи во изминатите две децении беа местата каде се случија најголем број од вооружените напади. Според статистката, од 1999 година, до денес, во САД од огнрено оружје загинале околу 26 илјади деца и млади.

Пресвртен момент беше минатомесечниот напад во средното училиште во Паркленд во јужна Флорида, кога бивш ученик влезе во образовната установа и уби 17 лица.

Според организаторите на протестот, разликата од претхдните напори да се ограничи употребата на оружјето во САД е токму во енергијата на младото поколение.

Најистакнати активистки се Ема Гонзалес, Дејвид Хоф и Камерун Каски кои го преживеја нападот во Паркленд. Тие неделава имаа обраќање пред студентите во Харвард.

На протестот во Вашингтон дојдаа повеќе познати музичари, телевизиски лица и холивудски ѕвезди. Во маршот, меѓу останатите, се приклучија и брачната двојка Џорџ и Амал Клуни, Џими Фалон и Шер, а ќе настапат и музичките ѕвезди како Аријана Гранде и Мајли Сајрус.

Според најновата анкета на истражувачкиот центар „Асошиејтед прес-НОРК“, речиси 69 отсто од испитаните Американци сметаат дека треба итно воведување на реформи и построги закони во оваа сфера. Додека 50 отсто од испитанниците веруваат дека власта ќе им излезе во пресрет на барањата на организаторите и протестантите.