МАНУ и БАН заедно ќе ги чествуваат св. Кирил и Методиј


Делегација на Македонската академија на науките и уметностите, предводена од претседателот академик Таки Фити, на 10 и 11 мај ќе престојува во Софија каде со Бугарската академија на науките ќе учествува на заедничко чествување на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј.

– Заедничкото чествување на празникот Св. Кирил и Методиј стана традиција и е интегрален дел од Програмата за научна и културна соработка меѓу двете академии. Чествувањето на големото дело на св. Кирил и Методиј, покрај празничен, сè повеќе добива и работен карактер, велат од Македонската академија на науките и уметностите.

Во рамки на посетата на 10 мај во Институтот за економски истражувања на Бугарската академија на науките ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН. Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји, а другиот проект е кофинансиран од ИПА-програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Македонија и од Ќустендилската област на Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, македонски и на бугарски јазик.

Истиот ден во попладневните часови во просториите на БАН, бугарскиот писател академик Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова.

Овие настани, велат од МАНУ, се најавени од голем број бугарски медиуми и се очекуваат со голем интерес во Бугарија.