Лиценци за приватните клиники: Жан Митрев побарал дозвола за трансплантации


Министерството за здравство ќе им доделува лиценци на приватните клиники во Македонија за во нив да се прават трансплантации на органи за кои сега се оди во странство, одлучи Владата.

Приватните клиники допрва треба да се изјаснат дали тие трансплантации можат да ги прават кај нив.

– Пациентот, кога ќе добие конзилијарно мислење од тројца наши доктори дека му е неопходна трансплантација во странство, прво ќе треба да се обрати во нашите приватни клиники. Ако тие можат да ја направат трансплантацијата овде, пациентот ќе се лекува кај нив. Притоа, условот е приватните клиники да обезбедат услови за трансплантација, да имаат странска експертиза, а истовремено и наш тим да се обучува со нив. Целта ни е да се намалат трошоците за трансплантации во странство доколку истите можат да се прават кај нас, а притоа да се оспособат и нашите доктори – појасни министерот за здравство Венко Филипче. Планот е да бидат доделени по три лиценци за седум органи.

Досега само д-р Жан Митрев потврди дека побарал дозвола да прави трансплантации во „Жан Митрев клиник“.

– Едно од најгорливите прашања е трансплантацијата на органи. Ги исполнуваме сите можни услови веднаш да почнеме програма на операции за кои се одлеваа огромни суми во странство. Сега правиме само автотрансплантации на срце кај одредени пациенти, но тоа е мал број. Јас зборувам за трансплантација од донори, пациенти што починале, при што тука влегуваат и бубрези, црн дроб, бели дробови… Имаме комплетни услови, ни треба дозвола за работа за тоа да може да функционира за осигурениците на ФЗОМ. Сите овие години се обидував да добијам можност да правиме трансплантации, но сѐ беше испреплетено со разни административни, некогаш нелогични и наметнати тешкотии. Повторно побарав дозвола пред некое време и се надевам дека тоа ќе се реши – рече д-р Митрев во интервју за „Независен весник“ минатиот месец.

Од Владата соопштија дека го утврдиле текстот на предлог-одлуките за започнување постапка за доделување лиценци за вршење здравствена дејност земање и пресадување клетки од човечкото тело заради лекување хематопоетски матични клетки, за лекување срце, за лекување панкреас, заради лекување очни ткива, за лекување црн дроб, бубрези и бели дробови.

„Со оваа иницијатива ќе се остварат повеќе цели на Министерство за здравство: обезбедување соодветен вид и обем на здравствени услуги во зависност од потребите на населението, намалување на трошоците за користење на здравствените услуги на осигурените лица во странство од областа на трансплантацијата за лекување во странство, географска достапност на здравствените услуги, подобри здравствени капацитети, здравствени услуги и континуирана и квалитетна здравствена заштита“, соопштија од Владата.

Според последниот годишен извештај на ФЗО, кој е за 2016 година, до ФЗО биле пристигнати 353 барања за лекување во странство за повеќе дијагнози. Одобрени биле 209, за кои Фондот платил околу 7,5 милиони евра. Станува збор за сите лекувања, не само за трансплантациите. За минатата година, за лекувањата во странство преку ФЗО, беа најавени меѓу 7 и 10 милиони евра.

Сунчица Стојановска Зоксимовска