Косово не ги повлекува царините


Косово не ги повлекува царините за македонските производи. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера во Приштина се сретна со косовскиот колега Бајрам Хасани, но разговорите не донесоа конечно решение на проблемот. Зголемените царини остануваат за седум производи, меѓу кои и доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето. Како што информираат од Министерството за економија, Бектеши добил уверување дека проблемот повторно ќе се разгледува на седница на Владата на Косово, со цел да се изнајде заеднички прифатливо решение.

„Со колегата Хасани денеска имавме конструктивна средба, на која аргументирано ги образложивме нашите ставови за потребата од целосно укинување на царините. Иако мерката е делумно повлечена за поголем број производи, односно од 21 таа остана сè уште во сила за само седум продукти, сепак повеќето се сезонски и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар. На министерот Хасани му ги предочив загубите на бизнис заедницата и добив уверување дека забелешките ќе бидат земени предвид и на првата наредна седница на Владата на Косово ќе бидат изнесени, за да се изнајде решение кое ќе биде заемно прифатливо. Верувам дека во најскоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни“, вели Бектеши.

Средбата уследи по официјалното писмо што Бектеши го упати до косовскиот колега пред една недела и по состанокот на ЦЕФТА во Белград, на кој беше поздравена одлуката на косовската Влада за делумно укинување на трговските бариери и беше повикана Приштина во целост да ги укине царините за преостанатите производи опфатени со одлуката.

Косово пред десет дена воведе зголемени царини на овошјето и зеленчукот што ги увезува од сите земји. Најпогодени од одлуката, сепак, беа земјите од регионот. Пред состанокот на министрите за земјоделство, трговија и економија на Македонија, Србија и БиХ, како и претставникот од Црна Гора – Љупчо Николовски, Расим Љаиќ, Мирко Шаровиќ и Драгица Секулиќ, Косово ја повлече царината за 16 производи, но зголемените давачки остануваат и понатаму да важат за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето. Земјите побараа царините да се повлечат целосно, а доколку не се случи тоа, секоја земја да може да воведе соодветни контрамерки. Тие одлучија да се формира и оперативно тело заради спречување и решавање на идните трговски бариери во регионот.

Нашите власти до последен момент очекуваа дека проблемот ќе добие позитивна разрешница. Од тие причини пред два дена, од Министерството за земјоделство информираа дека ќе почекаат со воведувањето контрамерки.

Косовските власти, пак, деновиве се соочуваат со поинакви проблеми. Домашните производители, ослободени од конкуренцијата поради заштитната мерка, почнаа да ги зголемуваат цените на овошјето и зеленчукот. Министерството за трговија и индустрија преку медиумите вчера ги повика земјоделците да не ги креваат пазарните цени бидејќи на тој начин ги оштетуваат потрошувачите.

„Министерството за трговија и индустрија секојдневно го следи пазарот и ако забележиме дека цените на овошјето и зеленчукот се зголемуваат, ќе реагираме со отстранување на мерката за привремена заштита. Нејзината цел е да ги заштити домашните производители од конкуренција, но не и да им наштети на потрошувачите“, се вели во соопштение на косовското Министерство.

Сања Наумовска