И после пет години тунелот на „Лимак“ само на хартија


Пет години изминаа откако турската компанија „Лимак“ вети дека ќе ја изгради подземната улица позади ТЦ „Рамстор“, а потоа врз неа ќе изгради мултифункционален комплекс. Но, и после толку време, абер нема од градежни активности на посочената локација, иако тунелот сега требаше да е при крај. Повеќе од јасно е дека компанијата веќе треба да плаќа и пенали за пробивање на договорените рокови.

Колкава е испорачаната казна на адреса на турската компанија, официјален одговор нема. Од компанијата не се достапни за објаснување, а истовремено молк и од маркетинг агенцијата која ги застапува Турците во нашата држава. Од Министерството за транспорт и врски, кое го потпиша договорот за оттуѓување на градежната парцела, ветија дека одговор на ова и други прашања, ќе достават денеска. Единствено, накусо, ни одоговорија од Град Скопје. Велат дека на случајот се работи.

„Инвеститорот  на проектот, компанијата ‘Лимак’,  работи на дооформувањето на проектната документација неопходна за започнување на изведбените реаботи. Значи, претходната состојба која е затечена е истоветна и Град Скопје е во координација со инвеститорот за да се заврши изготвувањето на проектната документација и да се реализираат инфраструктурните  решенија“, информираат градските власти.

Неофицијално, пак, реализацијата на проектот доцни поради (не)намерни пропусти направени на почетокот на целата постапка. Наводно, грешки имало при утврдување на одредени технички детаљи кои биле договорени меѓу Град Скопје и Министерството за транспорт и врски со турскиот инвеститор. Компанијата, наводно, пред една година дури размислувала и да крене раце од проектот.

Во меѓувреме, тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, тврдеше дека проектот е принудно заглавен поради ситуацијата во која се нашол инвеститорот. Имено, Жерновски тврдеше дека тогашната градска и централна власт вршеле притисок  инвеститорот да го смени планираното современо идејно решение со решение во барокен архитектонски стил. Од „Лимак“ тогаш, ниту ја потврдија, ниту ја демантираа изјавата на градоначалникот на Центар.

И кога медиумите го актуализираа случајот, од компанијата најавија дека почнуваат со изградба на подземната улица. „Компанијата ги започна подготвителни работи за изградба на надземниот мултифункционален комплекс и подземната траса на Јужниот булевар“, информираа од „Лимак“ лани во месец март. Но, после неколкудневни активности на терен, работите запреа. До ден денешен, на терен нема никакви градежни работи.

„Лимак“ има обврска на своја сметка да го изгради подземниот булевар во должина од 800 метри, со 6 коловозни ленти, по три во двата правци. За возврат ќе го добие земјиштето над сообраќајницата и на треба да изгради четири станбени блока, трговски центар, простор за културни активности, паркинг…

Освен тоа, компанијата паралелно требаше да гради и комерцијален објект до Старата железничка станица, кој ќе биде со пресликана фасада и висина како и железничката и ќе претставува влез во новиот комплекс.

Турците и двете парцели ги купија од државата на јавно наддавање. За плацот кај Стара железничка станица, со површина од речиси 10.000 квадрати Турците платија околу половина милиони евра, а за парцелата од над 30.000 квадратни метри над планираната подземна улица, платија околу 3,2 милиони евра.

Деспина Трајковска-Димова