И Мицкоски ќе оди од врата на врата


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се враќа од утре на терен, по паузата што ја направи околу донесувањето на Законот за јазиците.

„Од утре сакам да ја информираме јавноста дека продолжувам со теренските посети. Природната средина на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде меѓу граѓаните. Ќе одам во град, во село, од куќа до куќа, и ќе разговарам со народот. Гласот на народот мора да биде слушнат. Ќе разговараме и ќе нудиме решенија. Остануваме со народот во сите предизвици и заедно ќе дојдеме до излезот кој ќе значи оваа власт да си замине“, изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.

Македонија, рече Мицкоски, нема време за чекање и не смееме да дозволиме уште една генерација да загубиме.

„Во Македонија не се живее подобро. Стануваме држава каде сиромаштијата расте, стандардот опаѓа, а корупцијата е највисока во Европа.
Владата залудно потроши 10 месеци од животот на сите граѓани. Не е само проблемот што не решаваат потешкотии, не се носат нови проекти, не се реализираат ветувања, туку суштината е што не работат апсолутно ништо. Имаме уназадување на стандардите на секое поле – политичко, економско, социјално. Имаме деградиран политички и правен систем каде упадите, кршењата и непочитувањата стануваат пракса. Оние кои како опозиција палеа, фарбаа, тепаа полиција сега кршат закон, устав и деловник“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Македонија е денес киднапирана и срушена држава.

„Ги киднапираат и узурпираат институциите, законите, Уставот, а главната одлика им е рушењето. Што е она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи? Ние спремаме најдобра програма досега, со тим домашни и странски експерти. Се екипираме. Се приклучуваат многу нови луѓе на дневна основа. Многу брзо ги обзнануваме и ќе ги обзнаниме советите во кои кои ќе членуваат професори, истакнати професионалци, академици. Ние работиме да му понудиме на народот алтернатива. Енергијата расте, бидејќи Македонија заслужува подобро“, рече Мицкоски.