Италија пресече: Нема вакцина, нема училиште


Децата во Италија кои не можат да докажат дека се вакцинирани, од денеска нема да можат да посетуваат училишна настава, се додека не се вакцинираат, јави Би-Би-Си.
Родителите на невакцинираните деца на возраст меѓу шест и 16 години, доколку сепак ги испратат децата во училиште, ќе треба да платат казна до 500 евра, бидејќи ним не може да им се забрани да одат на настава.  Децата под шест години ќе бидат вратени назад, односно нема да бидат примени во јасли или градинка.
Крајниот рок за потврда за вакцинација измина вчера, по едно одложување.
– Сега сите имаа време да ги завршат обврските. Правилата се јасни: Нема вакцина, нема школо, изјави министерката за здравство Џулија Гриљо.
Новиот закон е донесен поради бранот нови случаи на сипаници, кои како и во други земји, се вратија поради се пониската имунизација меѓу населението. Стапката на имунизација во Италија падна под 80 отсто, додека Светската здравствена организација смета дека е неопходна стапка од 95 отсто за да се спречи ширењето на заразата.
Всушност, тоа е стапката кога т.н. „имунитет на стадо“ се активира, што значи дека е вакциниран доволен дел од популацијата за да се оневозможи ширење на заразата меѓу оние кои не можат да бидат вакцинирани: прерано родени бебиња и болни со компромитиран имунитет.
Според т.н. Лоренцинов закон, наречен според поранешниот министер за здравство кој го воведе, децата мора задолжително да се вакцинираат пред училиште, а меѓу вакцините се и оние против големи и мали сипаници, детска парализа, заушки и рубеола.