Интерпелацијата ja подели ВМРО-ДПМНЕ


Легитимно право на опозицијата да ја руши Владата или алиби за враќање во Собранието и давање легитимитет на власта поради претходно направен договор меѓу партискиот лидер Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев? Членовите на ВМРО-ДПМНЕ не се начисто што точно сакаше да добие новото раководство во ситуација кога беше апсолутно јасно оти не се во состојба да имаат 61 пратенички глас против работата на Владата. Добар дел од нив се лути што е прекинат бојкотот кога не се исполнети ниту математичките барања за ослободување на сите притворени опозициски пратеници за настаните од ланскиот април.

Професорот Јове Кекеновски, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година и моментно ја предводи фракцијата за промени, вели дека интерпелација не се поднесува кога поднесувачот не е сигурен дека барем малку ќе го наруши рејтингот на Владата.

„Интерпелација не се поднесува кога поднесувачот однапред знае дека со тој потег само ќе го зајакне парламентарното мнозинство и политиката на Владата.Интерпелација не се поднесува кога поднесувачот нема доволен број гласови, кога однапред знае дека истата е осудена на неуспех и кога истата нема да биде поддржана од другите опозициски партии. Интерпелацијата е поопасна за опозицијата и може да се врати како бумеранг на поднесувачот во ситуација кога Владата има однапред и сигурно загарантирано парламентарно мнозинство и поддршка од поголем број од медиумите. Се чини дека станува збор за алиби по договорот во четири очи меѓу Заев и Мицкоски, со кој овој вториот ќе добие заштита за тие што треба да ги заштити“, ни изјави Кекеновски.Дилеми има и кај членството и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои се збунети од потезите на новото раководство.

Поддржувачот на ВМРО-ДПМНЕ Васко Белески реагираше на социјалните мрежи дека сегашниве политики на Владата се долгорочно штетни за земјава по сите основи, но од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ очекувал поголем ангажман, став, акција и решителност да направи нешто повеќе за заштита на националните интереси на Македонија и да биде вистинска опозиција, наместо да глуми.

„Прво, раководството си го погази својот збор. Рекоа дека нема да се вратат во Собранието и да изигруваат статисти, сѐ додека сите нивни пратеници не се слободни. Денес два-тројца пратеници сѐ уште им се во куќен притвор, тројца-четворица сѐ уште им се под товарот на политичко-судски обвиненија за тероризам, а сепак пратениците на ВМРО ДПМНЕ на голема врата ќе влезат во Собранието да дебатираат за акцизата за нафта и за поезијата на Агенцијата за спорт. Чудна мотивираност при неисполнет услов?!“, коментира тој на својот профил на Фејсбук.

Потсетува дека не се остварени ниту политичките услови: има нелегално предложување на закон за двојазичност со злоупотреба на европско знаменце, понижувачко отфрлање на сите 35.000 амандмани поднесени од избрани пратеници, неделовничко силување на процесот на гласање во Собранието под палката на нелегитимниот Талат Џафери, неуставно апсење на пратеничката Пешевска и држење во притвор без за тоа да одговара ниту министерот за внатрешни ниту обвинителот, незаконско разрешување и избор на судии во апелациските судови, партиски притисоци и отпуштања во администрацијата…Според него, интерпелацијата е само лажиран потег кој треба да изгледа како напад кон власта, а сепак и од далеку се гледа дека е импровизација за да се покрие соучеството на опозицијата во сценариото на власта.

„Мицкоски со импровизираната интерпелација ќе му даде поголем легитимитет на Заев, ќе му даде следни 100 дена гратис, бидејќи не смее да покренува недоверба во тој период (кога ќе се менува името) и ќе предизвика дополнителна фрагментација во редовите на опозицијата“, тврди Белески.На крајот, прашува дали можеби новото раководство е уценето да биде послушна опозиција преку случаите на СЈО против Мијалков и Груевски, кои на конгресот го наместија Мицковски за претседател. Потоа, дали можеби тоа што „белата палата“ е под хипотека го тера новото раководство да бара уште кредити во Комерцијална банка и со сервилност да спушта камата? Дали е вистина дека Мицкоски заедно со уште два-три члена на раководството има бизнис со хидроцентрали на туѓи имиња, па Заев го условува со тоа и дали за ВМРО-ДПМНЕ како партија поважни се Законот за финансирање на партии и Законот за заштитени сведоци, отколку неуставниот закон за двојазичност, најавата за смена на уставното име и политичките притворања на патриотите?

Но, Александар Михајловски, кој е дел од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ и кој важеше за жесток критичар на Никола Груевски, смета дека новото раководство се движи во вистински правец и дека премногу е рано да се очекуваат спектакуларни резултати бидејќи станува збор за процес и потребно е време за да се воведат ажурираните политики.

„Прво, околу интерпелацијата: мислам дека основна задача на опозицијата е да ја критикува власта, да ги потенцира прашањата за критики на власта и тоа јавноста треба да го прифати позитивно. Тоа е шанса за сериозна и издржана критика за работата на Владата. Што се однесува до внатрепартиските процеси во ВМРО-ДПМНЕ, работите се движат во позитивна насока. ВМРО-ДПМНЕ поминува низ фаза на сериозно реструктуирање, како организациско, така и политичко. Се подготвува за натамошниот период, да се исправат грешките во минатото, да се промовираат нови кадровски решенија и да се создаде кредибилна алтернатива на оваа Влада, која нема капацитет да ја раководи Македонија. Убеден сум дека граѓаните имаат потреба од такво нешто. Околу Груевски, барем од она што го гледаме досега, сметам дека повеќе не ги држи конците во рака, напротив, мислам оти новото раководство е самостојно и ја води партијата согласно демократските процеси“, вели Михајловски за нашиот весник.

Горан Адамовски