Интервју со Васко Атанасовски, музичар: Јас сум нежен хулиган


Македонскиот андерграунд-изведувач Васко Атанасовски (39) точно 25 години e активен на оваа музичка сцена, најчесто препознаван преку „Бернајс пропаганда“ и „Хахаха“. Во музичките кругови важи за неисцрпен повеќеслоен автор, од кого секое ново издание се очекува со нетрпение.
Тој ќе има две концертни промоции на албумот „Пази куче“, кој излезе во октомври 2017 година. Настапите ќе се одржат на 23 и 24 март во Кинотеката на Македонија со почеток во 20 часот.

Овој албум е негово прво соло-издание, кој е издаден од неговата издавачка куќа „Балкан Велики“ и од „Џинџер рекордс“ од Хрватска. Се потпишува како продуцент, автор на текстовите, музиката, аранжманите, а воедно е и вокал, гитарист и басист.
Атанасовски презема голем дел од обврските за албумот, а негов клучен соработник е Дени Крстев. Тој стои зад програмирањето на ритамот, клавијатурите, а сите песни на албумот се снимени и мастерирани во неговото студио „Студио 1060“.

Меѓу соработниците очекувано се појавува и Кристина Горовска, вокалистката на „Бернајс пропаганда“, како и Мајк Ват (познат по „Минутмен“ и „Стуџис“ на Иги Поп), кој се јавува како автор на фотографијата за задната страна на албумот. Дизајнот е изработен од Иван Антуновиќ.
Токму поради обемниот музички багаж на Атанасовски, изненадувачки е што дури сега го создава првото свое соло-издание.
За себе вели дека го карактеризираат повеќе контрасти, тој е и анархист и патриот, нежен хулиган и страстен навивач на клубот „Вардар“.
Со Васко разговаравме во неговото најкреативно катче, заедничкото студио кое го одржуваат со Дени Крстев, а насловено по поштенскиот број на населбата Ѓорче Петров – „1060“.

Албумот „Пази куче“ е вашето прво соло-издание, иако зад себе имаш сериозен товар од музичко творештво. По што го разликува ова издание од сѐ претходно што си сработил?
– Овој албум потекнува баш од ова студио, насловот „Пази куче“, всушност е натпис од соседната куќа. За содржината, пак, се инспирирав од сѐ она што сме слушале во животот. Почнувајќи од Бразилезцот Том Зе, па сѐ до нашиот Јонче Христовски. Што значи, има моменти и од поп-музиката, од рокенролот, сѐ. Приказната на албумот е околу убавите моменти, но од страна на еден човек.

Покрај Кристина Горовска и Дени Крстев како ваши верни соработници, тука повторно се појавува Мајк Ват, име кое е поврзано со „Стуџис“, „Соник јут“, Еди Ведер… Како воопшто започнавте да работите со него? 

Па, рационалистите би рекле случајно, а другите би рекле – така требало. Седевме со Тина во МКЦ, а Мајк беше дојден да настапува. Му помагав нешто околу појачалата, баш ми беше драго дека е тука, сакав да видам како таа жива легенда функционира. Му помогнавме тоа што му помогнавме, го изгледавме концертот и следниот ден повторно се сретнуваме и ми вели: „Мали, ти си навистина луд! Ме потсетуваш на еден пријател што почина, се викаше Д.Бун“. А, јас му велам: „Па, го знам, голем фан сум му и на него и на вашиот бенд „Minutеmen“. И ми предложи дали сакам да направиме заедно плоча, тој многу добро се знае и со Која и така некако останавме во постојана комуникација и почнаа соработките да се реализираат. Тој се дружи со многу Хрвати во Сан Педро, Лос Анџелес, каде што живее и навистина ги почитува Југословените. Преку него се запознав и со Лилја Николовска, поранешната пејачка на „Магазин“.

Точно 25 години сте на андерграунд-сцената, кој период досега беше најтежок за создавање музика?
-Никој. Мене се ми е супер и доста е од луѓе што се жалат. Еве, сега во моментов, работам со млад бенд „Мариналеда“ и ова сега е нивно време. Со нив работам бидејќи сметам дека навистина можат многу да направат, тие се нашите „Нирвана“. Овде сакам да го споменам и ПМГ, како еден од најдобрите бендови на оваа сцена. Да не ги заборавам Влатко Стефановски, Перо Камиказа, многу се што сакам да ги споменам. Тука во Ѓорче опкружени сме со соседи музичари, до нас е Сецко од „Мугер Фугер“, подолу е Идриз од „Бла бла бла“, западот на Скопје е навистина интересен.

Многу сте активен, во исто време работите во повеќе слоеви во музиката…
Да. Имам многу музика и постојано нешто се работи, се подготвува. Ако не создавам лично за мене, тогаш тоа го правам за некој друг музичар, бенд, така се одржуваме во кондиција. Студиово ни е буквално дом, иако јас живеам во Влае. Постојано сме тука, од утро до вечер.

Во изминатиов период беше актуелно укинувањето на субвенциите за музика. Што мислите за државното финансирање за издавање песни, спотови, албуми?
Катастрофа.

Има еден интересен контраст кај вас, ако внимаваме на текстовите и пораките што ги испраќате, некои од нив навистина болат, а од друга страна сте многу позитивна личност. Како го објаснувате тоа?
– Само еден контраст? Ова ќе го сфатам како комплимент, а објаснувањето го давам во тоа дека сум нежен хулиган. Како одговор на ова прашање ќе го прочитам текстот од мојата сè уште неиздадена песна за која имам само демо-снимка:
Со архангел ќе втасам
Денеска станав многу рано
се насмеав и рипнав
на колена паднав
на срцево се пипнав.
За мене секој ден е ко прв и последен
се радувам ко дете благословен и убеден
и дали ќе се умре или во радост ќе не носи
словото е да се знае кој си што си
Кажи ми дали ме љубиш и дали нешто не ти чини
ќе дојде старото куче ќе исправи кривини
Но, ако ме бодеш, подобро боди многу јако,
кажи на душманите мои,
името уште ми се брои
Ако ме делиш, со магија ќе те плашам
една ноќ ќе се вратам, низ сонот ќе те пратам
ако ме парчиш, со архангел втасам,
во умот ќе ти влезам, ќе те лаам ќе те касам
Но, ако ме љубиш, кажи ми што не ти чини,
ќе дотрча самото куче да исправи кривини.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски