Извршителите и натаму остават граѓани без леб


Измени на законите за извршување и за облигациони односи заради поголема заштита на граѓаните должници со ограничување на висината на законската казнена камата што ја плаќа должникот. Ова е една од мерките што на парламентот ќе му ги предложи Комисијата за политички систем, како спроведување на препораките на народниот правобранител во чиј извештај за состојбата со човековите права во 2017 година е наведено дека голем дел од граѓанските претставки се однесуваат на постапките на извршување.
Извештајот на омбудсманот беше презентиран вчера во матичната собраниска комисија, при што заменичката на народниот правобранител, Васка Мустафовска, посочи дека минатата година не е забележано подобрување во работата на извршителите.
„Има ситуации во кои граѓаните се буквално оставени без леб и без основни средства за егзистенција“, рече Мустафовска.
Собраниската комисија за политички систем предлага исто така во постапката за извршување да не се преземаат мерки за присилна наплата на долгот без должникот да биде информиран уредно и навремено и пред извршителот да добие информација за основата на примања што ги остварува граѓанинот. Исто така, според пратениците, треба да се интервенира во Законот за извршување, така што средствата од субвенции за поддршка на земјоделството и сточарството да не бидат предмет на извршување.
Пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов, вели дека треба да се утврди конкретен рок за измена на неколку закони во насока на подобрување на состојбите со извршувањето во корист на граѓаните. Тој предлага процесот на измена на регулативата да заврши во септември, за потоа да може да почне и нејзината имплементација. Според Минов, треба да се ограничат на минимум или да се избришат каматите за долгови кон државни и јавни претпријатија.
Од канцеларијата на народниот правобранител нотирале дека предмети за издавање платни налози, поднесени во периодот од 2006 до 2011 година, наместо навремено да бидат процесирани и решени, согласно одредбите од Законот за парнична постапка, се чувале во фиоките на граѓанските судови. Најочигледен пример за вакво грубо прекршување на принципот за судење е утврдено во Основниот суд во Струмица, каде што по таквите предмети воопшто не било постапувано од пет до 10 години. Последиците од тоа, доколку тужбите во меѓувреме бидат уважени, ќе бидат на штета на граѓаните кои, покрај главниот долг, ќе треба да платат огромни камати. Во извештајот на народниот правобранител е посочен и пример во Основниот суд Скопје 2, кој, спротивно на Законот за парнична постапка, односно без да го провери идентитетот на тужениот, прифатил тужба на АД „Скопје Север“ и му наложил да плати долг од 11.475 денари, заедно со камата и трошоци на постапката. Апсурдот да биде поголем, лицето никогаш не било корисник на услуги за испорачана топлинска енергија ниту, пак, живеело во станот за кој се однесува тужбата. Народниот правобранител, постапувајќи по претставката на ова лице утврдил дека станува збор за очигледна грешка, по што се обратил до АД „Скопје Север“ од каде што ја повлекле тужбата.
Омбудсманот забележува дека популистичките и неприменливите правни прописи дополнително го отежнуваат остварувањето на правата на граѓаните. Констатиран е лош систем на извршување кој го погодува најсиромашниот слој граѓани. Граѓаните најчесто се жалеле на постапки за извршување во кои како доверители се јавуваат јавни претпријатија или компании со државен и приватен капитал, кои бараат наплата на долгови за комунални, телекомуникациски, кредитни и други услуги, како и за користење електрична енергија, топлинска енергија и вода. Во поднесените претставки најчесто се реагира за неинформирање или за задоцнето информирање за постоењето на долгот, недоставување налог за извршување, на застареност на долгот. Има забелешки и за тоа дека во налозите за извршување се опфатени побарувања кои веќе биле платени, наплата на долг од примања кои согласно Законот за извршување се изземени, реализација на постапката на извршување додека сѐ уште е во тек постапка по пред надлежен суд, истовремена наплата од повеќе извршители на ист начин.
За да се надминат сите овие слабости, народниот правобранител препорачува: да не се применуваат мерките за присилна наплата на долгот, како што е блокирање на трансакциските сметки, сѐ додека извршителот не добие информација за основот на примања кои ги остварува должникот; да се води сметка и за егзистенцијата на должникот и неговото семејство; да се направат квалитетни измени на Законот за извршување кои ќе бидат во интерес на граѓаните, а во насока на надминување на проблемот со превисоките трошоци за извршување и за камата на долгот; Во Законот за извршување да се регулира дека средствата од земјоделски субвенции да не бидат предмет на извршување. (А.М.М.)