Игри без граници за идниот гувернер: Заев и Иванов во коалиција, ДУИ во опозиција за Богов


Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев се согласиле на вчерашната средба дека НБРМ не смее да се остане без гувернер бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата. И двајцата носители на извршната власт во земјава имаат пофални зборови за досегашниот челник на НБРМ, Димитар Богов, кого Иванов го предложи повторно за гувернер. Но, и покрај впечатокот дека разговорите во претседателската резиденција поминале во конструктивен тон, останува неизвесноста како ќе се пополни челното место во монетарната власт во наредните петнаесетина дена, во ситуација кога Богов е неприфатливо решение за пратениците од мнозинството, а посебно за ДУИ, која го преферира Фатмир Бесими.
„Богов нема да помине. Недозволиво е Иванов така да ги злоупотребува своите надлежности како претседател на државата и да наметнува решенија без консултации со другите релевантни фактори за изборот на гувернер“, ни изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Халими, по средбата меѓу Иванов и Заев и по информациите дека е постигната согласност дека гувернерската позиција не сме да остане празна.
Според Халими, овие консултации меѓу шефот на државата и премиерот се задоцнети затоа што Иванов веќе доставил предлог во парламентот.
И пратеници од СДСМ тврдат дека во пратеничката група на коалицијата нема атмосфера за прифаќање на предлогот на Иванов, посебно поради тоа што решението го сметаат за наметнато. Сепак, останува најавата за координација на Заев со парламентарното мнозинство за ова прашање. Иако координацијата требаше да се одржи минатата седмица, сега се најавува дека тоа може да се случи в среда. Во меѓувреме, во Собранието не е закажана седницата на која би се расправало за предлогот за Богов, иако неговиот прв мандат на чело на НБРМ завршува околу 20 овој месец. Набргу по средбата со Иванов, Заев изјави вчера дека размениле одредени идеи и дека заклучиле оти во соодветниот рок Македонија треба да добие гувернер.
„Не е добро за имиџот на државата да остане без гувернер. Иако постои решение преку Советот на НБРМ, Македонија треба да има гувернер, рече Заев.
Според него, една од работите што се позитивни во Македонија со децении е стабилноста на монетарната политика, курсот на денарот и стабилното градење на сите економски политики, вклучително и фискалната.

„Се надевам дека ќе продолжат ваквите состаноци меѓу нашите советници или директно меѓу мене и Иванов за да изнајдеме решение и до 20 мај да избереме гувернер на НБРМ“, рече Заев.
Освен тоа, премиерот изјави дека сериозно го почитува актуелниот гувернер, како и, како што наведе, огромен дел од парламентарното мнозинство. Сепак, Заев вели дека некои пратеници имаат и замерки за Богов што ги истакнале пред него, а тој му ги пренел на претседателот Иванов.
Во случајот со предлогот на Иванов за реизбор на Богов, симптоматично е и однесувањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од каде што, исто така, најавуваат координации за тоа како ќе постапат кога решението ќе се најде на дневен ред во парламентот. Иако во 2011 Богов беше избран со само 62 гласа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш имаше апсолутно мнозинство во парламентот, сега од партијата велат дека став треба да заземат партиските тела. Но тоа, како што велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, не е направено сѐ уште, затоа што лидерот Христијан Мицкоски неколку дена бил надвор од Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ контролира во моментов од 42 до 45 гласа во Собранието, со оглед на неколкуте „трансфери“ на пратеници во владејачкиот табор, додека тројца од пратеничката група се сѐ уште во домашен притвор. Затоа во политички кругови од поодамна не се исклучува можноста СДСМ, со дел од своите пратеници, да ѝ „асистира“ на опозицијата за реизбор на Богов, со аргументација дека гувернерското место не смее да остане празно. Од друга страна, социјалдемократите би ризикувале судир во коалицијата, односно со најголемиот партнер – ДУИ.
Другата варијанта што неофицијално се споменува е Богов да добие друга функција, а Иванов да предложи друг кандидат. Во таква ситуација, не се исклучува можност да се оди на „трето решение“, така што ако Иванов ќе се откаже од Богов и парламентарното мнозинство ќе треба да се откаже од Бесими. Како своевиден сигнал во таква насока се толкува и вчерашната забелешка на Заев дека треба да се искористат капацитетите на досегашниот гувернер.
„Верувам дека Богов, кој беше седум години гувернер и четири години вицегувернер, има многу квалитети и треба и понатаму да се искористи неговиот капацитет и тој да ѝ служи на Македонија“, оцени Заев.
Секако, останува варијантата предлогот за Богов да не помине во парламентот или да се растегнува почетокот на расправата по оваа точка. Но, во таков случај гувернерската позиција би била празна сѐ додека Иванов не достави нов предлог што би бил прифатлив за СДСМ и за ДУИ или додека тоа не го направи следниот претседател, дури по изборите во 2019 година. Но, вакво сценарио не се вклопува во заложбата што произлезе од вчерашната средба Иванов – Заев – за пополнување на гувернерската позиција пред завршување на овој мандат на Богов.
Состанокот во претседателската резиденција на Водно се реализирал на барање на премиерот. Од претседателскиот кабинет потоа информираа дека Иванов му ги образложил на Заев аргументите зашто смета дека Богов најодговорно ќе ја извршува функцијата. Иванов, како што е наведено, потсетил на тогашната негова намера – доколку Богов даде согласност за негова повторна кандидатура, тој да биде предлогот за гувернер.
На средбата, стои во соопштението, е потврдено дека откако Богов дал согласност, на 25 април остварил средба со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура. Иванов пред да ја донесе одлуката, во текот на февруари и март, извршил консултации со повеќе релевантни организации и институции и на сите средби, наводно, било утврдено дека Богов е најдоброто решение за гувернер.
Александра М. Митевска