За новите антикорупционери, мандат само една година


Познати адвокати и правници, како и активисти на невладини организации, според наши информациите, се на листата на можни нови членови на Антикорупциската комисија, откако петмина од вкупно седум члена поднесоа оставки минатата седмица поради аферата со двојните налози за патни трошоци. Сепак, на досегашните членови на Комисијата и натаму им тече мандатот зашто нивните оставки сѐ уште не се констатирани во парламентот. Нивните наследници на функцијата, пак, ќе добијат мандат од најмногу една година, односно додека да истечат четири години од изборот на последниот состав на Антикорупциска – во април 2015 година, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, кој е член на Комисијата за избори и именувања, вели дека оставките на досегашните членови на Антикорупциската комисија ќе бидат констатирани на следната нова седница на парламентот, која засега не е закажана.

„Оставките треба прво да ги констатира Комисијата за избори и именувања, а потоа и собранискиот пленум кога ќе се состане на нова седница. Следниот чекор е распишување конкурс за пополнување на испразнетите места во Антикорупциската комисија. Новите членови на ова тело ќе бидат на функцијата до истекот на мандатот што го доби актуелниот состав на Комисијата во 2015 година. Сосема нов состав со мандат од четири години ќе се избираше доколку сите членови на Комисијата дадеа оставки“, вели Локвенец, кој времено е овластен да претседава со Комисијата за избори и именувања поради опозицискиот бојкот на парламентот.

Тој смета дека треба да се забрза процесот на комплетирање на составот на Антикорупциската комисија, затоа што станува збор за важна контролна институција, а петмина од досегашните членови на ДКСК се во оставка.

Членовите на Антикорупциската комисија, според важечката регулатива, ги избира парламентот со мандат од четири години. Но, со оглед на нефункционалноста на последните состави на Комисијата, посебно на нивната неактивност во однос на контрола на претходната владејачка гарнитура, најавите се дека се водат меѓупартиски разговори за законски измени кои би овозможиле нов концепт на ова тело. Во таа насока се и информациите дека ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, бара да го добие претседателското место во Антикорупциската комисија, наспроти досегашниот принцип на ротација меѓу членовите на челната функција. Доколку има договор меѓу владејачките партии за нов модел на Комисијата, тогаш не е исклучено да се договори претседателот да биде на предлог на опозицијата. Но тоа би било од следниот мандат, односно од пролетта 2019 година.

Наспроти тоа, повеќе граѓански организации што ја следат оваа проблематика упатија вчера допис до Собранието, Владата и до политичките партии, нагласувајќи дека е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на, како што се наведува, меѓупартиски пазарења. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара воспоставување професионално тело за антикорупција кое, како што се наведува, ефективно, независно и со висок интегритет ќе иницира и ќе ги спроведува законските надлежности и политиките за спречување на корупцијата во Македонија. Платформата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на ДКСК, за да се овозможи компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието. Бараме, се вели во дописот, претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК.

„Укажуваме дека е неприфатливо членовите на ДКСК да бидат предмет на меѓупартиски преговори, со што би продолжила досегашната практика на лојалност кон политиката на власт, наместо нејзина активна контрола и почитување на законите“, се наведува во барањата што Платформата ги достави до законодавната и извршната власт.

Од НВО посочуваат дека во изминатите десет години ДКСК, наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, меѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрација.
„Во изминатите три години Платформата во континуитет укажува на неефикасната борба против корупцијата, на назадување на земјата по однос сите индекси за корумпираност, владеење на правото и ефикасност на институциите за справување со корупцијата и криминалот. Голема одговорност за тоа носат последните состави на ДКСК, што е резултат на нивната некомпетентност и недостиг на личен и професионален интегритет“, наведуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Александра М. Митевска