За инсулин годинава се предвидени исто пари колку и лани


Државата за набавка на лекови и помагала за дијабетичари за оваа година обезбеди 620 милиони денари. Тоа се гледа од Програмата за обезбедување инсулин, глаукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и едукација за дијабетесот, кој пред некој ден е објавена во „Службен весник“.

Тоа е истата сума од минатата година, со таа разлика што лани тогашниот министер за здравство Никола Тодоров од нив скрати околу еден милион евра.

Во Македонија има околу 85.000 пациенти со дијабетес. Околу 3.000 граѓани имаат дијабетес тип 1, а останатите се со дијабетес тип 2. Речиси половина од нив, односно околу 40.000, се на инсулинска терапија.

Најмногу од парите за тековната година, 619,5 милиони денари, се за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење на шеќерот во крвта. Предвидени се по 125 ленти месечно за секој пациент со дијабетес тип 1 и по 350 ленти годишно за лицата со дијабетес тип 2.

За камп за едукација на деца со дијабетес ќе се потрошат 185 илјади денари, и уште 60 илјади денари за едукација за исхрана и физички активности на факултетите, средните и во основните училишта. Уште сто илјади денари ќе чини изработка на брошури и флаери за дијабетес.

Кампот за едукација на деца со дијабетес ќе го организира Клиниката за детски болести. Ќе се учи за тоа како да се нагоди дозата на инсулин и како секојдневно да се живее со болеста, како и за правилна исхрана и за физичка активност. Во основните и во средните училишта се предвидени едукативни сесии, во организација на Министерството за здравство и Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболитички болести. Брошурите и летоците би им олесниле на дијабетичарите полесно да ја препознаваат состојбата на хипогликемија и хипергликемија.

Дијабетичарите бараат државата да им обезбеди сензори за континуирано мерење на гликемијата, таканаречени „FreeStyle Libre“. Тоа е систем за континуирано мониторирање на гликемии без боцкање, каков што веќе набави Хрватска, а кампањата е почната и во Србија.

С.С.З.