Затвореници од Куманово добија уверенија за пекари и заварувачи
Дваесет и три осудени лица од КПУ Затвор Куманово, денеска добија уверенија за стручно завршена обука за пекар и аргон заварувач, со обуки реализирани преку Министерството за образование и наука, УНДП и Управата за извршување санкции.
На свеченоста во затворот во село Кшање присуствуваа министерката за образование и наука, Рената Дескоска, директорот на Управата за спроведување санкции Јовица Стојановиќ и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Лујза Винтон.
Дескоска потенцира дека станува збор за значаен образовен проект, кој освен образовна компоненета има и вредност од социо-хуманистички аспект, и додаде дека со обуката се опфатени 120 лица кои издржуваат казна во казнено поправните домови на ниво на Македонија.
– Драго ми е што сите вие сте го препознале значењето на дополнителната обука и квалификација која што во иднина треба да ви овозможи вклучување на пазарот на трудот, со овие стекнати вештини во дошколувањето во казнено поправните установи, рече министерката.
Таа додаде дека програмата во изминатиов период, се одвива тековно и има 17 слушатели во казнено-поправната установа Идризово, а најави дека програмата ќе продолжи и во иднина.
– Не само што ќе понудиме, туку и ќе стимулираме обучување и доквалификација. Ви посакувам во животот да го искористите знаењето кое што го добивте, рече Дескоска.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Лујза Винтон рече дека е задоволство да се биде тука по трет пат и да се честита на групата која ја заврши обуката.
– Драго ни е што практиката што ја започнавме овде и по трет пат ја реализираме ќе може да се применува секаде каде што има интерес и се разбира во соработка со МОН и со Управата за извршување санкции. Работата што овде на некој начин ја реализираме се совпаѓа со нашите идеали и цели кои се однесуваат на тоа дека секој има право на пристојно вработување и успех во животот и се надеваме дека сето ова што е постигнато ќе ви помогне токму во оставрувањето на тие амбиции во животот, рече Винтон.
Директорот на управата за спроведување на санкции Јовица Стојановиќ, рече дека како установа се посветени на постојано унапредување на условите и можностите за обука, кои се значајни за понатамошниот живот на учесниците во обуките. Тој додаде дека заедно со МОН ќе преземат мерки и активности за дообразување на лицата од установите.
– Задоволство е што присуствувам на ваков момент овде во Куманово, а потоа и во Штип, а почнат е проект и во Идризово со осуденичките. Се надевам дека оваа соработка нема да застане тука, туку ќе прерасне во континуитет во сите установи во земјава, бидејќи доживотното образование и обука би требало да биде практика, а вие по излегувањето од установата треба да се вклучите во редовниот живот, да се реинтегрирате во средините од каде што доаѓате, рече Стојановиќ.
Тој напомена дека работат и други проекти со МТСП со цел полесен прифат и сето она што е научено и прифатено во установите да се примени во практика и да овозможи полесно снаоѓање на пазарот на трудот.
Претставници од училиштата кои ја спроведоа обуката им ги доделија уверенијата, а на свеченоста присуствуваше и раководителот на казнено поправната установа Куманово, Марјан Спасовски. Директорката на СОУ „Киро Бурназ“, Весна Трајковска, рече дека преку оваа обука и работа со осудените, професорите се усовршуваат .
Од вкупниот број лица, 12 добија уверенија за пекар, додека 11 лица се стекнаа со сертификати за завршен аргон заварувач. Стручните обуки за пекар и аргон заварувач опфаќаа повеќе од 200 реализирани часови обука од страна на средните стручни училишта – спроведувачи на обуки за наведените занимања и тоа „Наце Буѓони“ и „Киро Бурназ“. По завршувањето на овој циклус обуки, се очекува нивно продолжување и проширување и во други казнено- поправни установи низ државата. ам/нд/11:43