Засега нема одговорност за трошењата во Институтот за јавно здравје
Министерот за здравство Венко Филипче побара време за детално да го разгледа извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на Институтот за јавно здравје во 2016 година, во кој ревизорите нотираат скандалозно трошење на парите во оваа институција. И од Јавното обвинителство засега нема одговор дали има основа да се покрене постапка по допрен глас за наодите на ревизорите.
За тоа дали воопшто ќе се бара одговорност и од кого, ќе се знае откако ќе се произнесат Обвинителството и Министерството за здравство.
Директорот на Институтот, Шабан Мемети, и вчера изјави дека станува збор за технички грешки што ги направиле вработени во Институтот.
– Подготвуваме акциски план и ќе го доставиме до Државниот завод за ревизија, до Министерството за здравство и до Владата. Имаме рок од три месеци да го изработиме, но ние веќе почнавме да ги отстрануваме недостатоците. Ако има пропусти направени од страна на вработените, ќе барам одговорност, но прво да видиме дали има – рече Мемети.
Ревизорите во извештајот изразија сериозни сомнежи за речиси сите сегменти од работата на Институтот: како и по кои коефициенти се делеле плати, како е плаќана прекувремена работа, зошто има неплатени обврски кон Институтот кои можат да застарат и не се преземени мерки да се наплатат, зошто апарат купен во 2015 година уште не се употребува… Според извештајот, нема уредна документација за приемот на хемикалии, реагенси и друг медицински материјал, а за постапки за јавни набавки не се вршело електронско наддавање за да се постигне пониска цена. Парите што Институтот ги наплаќал од пациентите, одговорниот референт ги уплаќал со задоцнување од два до три месеци, а парите од приватни пациенти, пак, ги уплаќал два до трипати во годината.
– Наведеното укажува на заклучок дека дел од средствата не се уплатени на жиро-сметката на Институтот и истите неосновано се искористени за потреби што не се во функција на работењето на Институтот – констатирале ревизорите.
Според Извештајот, вкупно 42.580 илјади денари од побарувањата на Институтот се постари од три години и не се преземени мерки да се наплатат. Тоа може да има влијание врз можностите за редовно извршување на работните задачи на ИЈЗ. Да се побара одговорност од оној што не презел мерки да се наплатат, препорачуваат ревизорите.
Тие ги анализирале двете сметки на Институтот за јавно здравје – како онаа на средства од сопствени приходи, така и сметката со средства од Фондот за здравствено осигурување. И за двете сметки ревизорите утврдиле низа прекршувања на законските прописи по кои требало да работи Институтот.
С.С.З.