Заев за Прочка: Само помирено општество ќе донесе стабилна и просперитетна држава


Премиерот Зоран Заев, по повод христијанскиот празник Прочка, порача дека денешниот празник  на простувањето и помирувањето е шанса да направиме чекор за пробивање на оваа тврдина испречена пред нашата заедничка иднина.

– Денешниот ден, Прочка, не учи дека главните изрази на суетата и на зависноста од неа, се делбите и омразата. Дeнес се поттикнуваме да одиме по патот на единството и меѓусебното разбирање, во интерес на сите граѓани на нашата земја, рече Заев во видео порака до граѓаните.

Премиерот порача дека само помирено општество што го обединува множеството на различности, ќе донесе стабилна и просперитетна држава за сите наши граѓани и оти во таква Северна Македонија, во општество еднакво за сите, веруваат мнозинството од граѓаните.

– Ако ја прифатиме одговорноста за нашата иднина, за иднината на нашата заедничка држава, заслугите ќе им припаднат на сите! Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации. Да направиме уште еден подвиг од сите нас, за сите нас, изјави Заев.

Тој порача да се остават во минато време политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“ и сите да се трудиме, како што рече, „да разговараме со нам различните, со другите, да ги слушаме соговорниците и да се обидеме да ги разбереме нивните ставови, дури и кога не се согласуваме со нив“.

– Да се учиме и навикнуваме на овие доблести, да вдишуваме од овој дух на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост во нашиот стремеж за достоинствен дом за сите наши граѓани. Сите ние да побараме прошка едни од други, да простиме и да гледаме напред!, се вели во видео пораката до граѓаните премиерот Зоран Заев.

Фото: Б. Грданоски