Завршува грејната сезона
Грејната сезона 2017/2018 почна порано од вообичаеното, на 7 октомври 2017 година. Вообичаено трае од 15 октомври во тековната до 15 април наредната календарска година и може да почне порано или да биде продолжена, но најмногу до 30 април, зависно од временските услови, односно ако според УХМР прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови.
Во следниот период, „Снабдување со топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје, како што соопшти, ќе изврши порамнување на сметките што потрошувачите ќе ги добијат за мај, јуни и јули, согласно количината на испорачана топлинска енергија во текот на грејната сезона, односно ќе се изврши порамнување меѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија. Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и секако од количината на испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови.
Потрошувачите во текот на грејната сезона во месечните сметки добиваат податок за потрошената топлинска енергија. Доколку на крајот од грејната сезона е потрошена повеќе топлинска енергија од прогнозираната која е авансно пресметана тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот со авансните сметки за топлинска енергија кои се доставуваат од месец август, заклучно со месец април, авансирал повеќе од реално потрошената енергија, тогаш разликата ќе биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови.
Согласно со законската регулатива, сметките за топлинска енергија се состојат од фиксен дел, кој претставува надоместок за ангажирана топлинска моќност и варијабилен дел што е надоместок за испорачаната топлинска енергија. Потрошувачите што ја плаќаат топлинската енергија на 12 месечни рати, од август во тековната година, до април следната година, добиваат месечни сметки во кои покрај фиксниот дел, им се пресметува и авансен варијабилен надоместок. За месеците мај, јуни и јули 2018 година, овие потрошувачи ќе добијат фактури во кои е извршено порамнување на варијабилниот дел и на фиксниот дел согласно со законската регулатива.