Жител на селото Гермија одговорен за поместување на граничните камења


Триесет и шест годишен жител на селото Гермија, Битолско признал дека е одговорен за поместувањето на граничните камења меѓу Грција и Македонија.

Регионалниот центар за гранични работи Југ, како што соопшти МВР, го расчисти инцидентот, што се случи на  23 ноември, кога во периодот од 14:00 до 20:00 часот од страна на непознато лице беа оштетени и поместени граничните камења помеѓу Македонија и Грција.

По преземени мерки констатирано е дека сторител на кривичното дело “оштетување туѓи предмети” е Б.М.(36) од с. Гермијан, Битола.

Во полициска станица извршен е разговор со Б.М. и тој го признал кривичното дело.

Во координација со Основното јавно обвинителство Битола и по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.

Претставници на македонскиот дел на граничната Комисија за Сектор 3 и 4, заедно со претставници на грчките министерства за внатрешни работи и за одбрана, како што соопшти македонското МНР на 26 ноември, претходно излегле на терен и констатирале дека се изместени и оштетени гранични камења во должина од 12 километри.

Претходно грчката полиција соопшти дека непознати лица уништиле и оштетиле 105 гранични камења, што ја одредуваат границата меѓу Грција и Македонија, од грчка страна, во општина Лерин.