Ердоган повикува на борба против исламофобијата


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повика на борба против исламофобијата, налик на борбата против антисемитизмот после холокаустот.

– Како што се одвиваше борбата против антисемитизмот после катастрофалниот холокауст, човештвото треба со истата одлучност да се бори против омразата кон исламот, која е во пораст, изјави денеска Ердоган во говорот на отворањето на состанокот на водечката панисламска организација во Истанбул.

Состанокот на Организацијата за исламска соработка е свикан по нападот на две џамии на Нов Зеланд, во кои десничарски екстремист уби најмалку 50 верници муслимани.

Ердоган остро го осуди тој напад, по што оцени дека исламофобијата е во пораст во западните земји и ги обвини медиумите дека поттикнуваат омраза кон исламот.

– Јасно е дека сме соочени со непријателство кон исламот и омраза кон муслиманите. Таа закана стана проблем со кој треба да се занимаваат безбедносните сили, лидерите и обичните граѓани, изјави Ердоган.

Тој вели дека неонацистичките групи треба да се третираат исто како што се третираат терористичките групи, како што е односот кон т.н. „Исламска држава“.

Турскиот претседател потенцираше дека солидарноста која Нов зеланд ја покажа со муслиманите после нападот треба да послужи како пример за водачите во целиот свет.