Ердоган на отворање на нова Централна џамија во Келн


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган попладнево допатува во Германија каде присуствува на свечена церемонија по повод отворање на нова Централна џамија во Келн.

Со Централната џамија, чија изградба ја следеа финансиски и градежни скандали, управува турско-германско исламско здружение „Дитип“ што застапува околу 900 турски исламски групи во Германија. „Дитиб“ е ангажиран за комунални работи, нуди обука за имами и прима средства од Анкара.

Градските власти на Келн вчера поради безбедносни причини ги откажаа плановите за голем собир на отворено кој требаше да се одржи денеска.

Ердоган денеска претпладне во Берлин имаше и работен појадок со германската канцеларка, Ангела Меркел, на кој дискутираа за билатерални и меѓународни прашања, јави агенцијата „Анадолија“.

Ердоган беше во придружба на министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и министерот за индустрија, Мустафа Варанк.

Денешниот состанок на двајцата лидери беше втора средба за време на тридневната официјална државна посета на турскиот претседател на Германија.

По вчерашната официјална средба меѓу Меркел и Ердоган, германската канцеларка вети дека ќе ја зајакне соработката меѓу Германија и Турција во економијата, енергијата и безбедноста, и покрај политичките разлики околу голем број прашања.