Дополнително ќе се утврди термин за интерпелацијата на Спасовски
Интерпелацијата на Спасовски е единствената преостаната точка од дневниот ред на седницата, откако беа изгласани измени и дополнувања на законите за субвенционирање на станбен кредит за користење и располагање со стварите во државна и во општинска сопственост и за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка.
На продолжението на 86. седница беше усвоен и Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, по скратена постапка. Поддршка во прво читање добија предлог законите за изменување и дополнување на законите за јавен долг, за регистрирање готовински плаќања и за ревизија, во прво читање, како и Предлог законот за вршење сметководствени работи. За тие закони расправата беше завршена на претходното продолжение на седницата.
Собранието во 14 часот попладне треба да ја одржи 88. седница на која треба да се гласа за Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за судовите и дополнетите предлог закони за прекршоците и за управни спорови, во второ читање. Поради потребното двотретинско мнозинство за законите Џафери ги повика координаторите на пратеничките групи да обезбедат доволен број пратеници.