Долгорочната енергетска стратегија е услов за конкурентност
Секоја извозно ориентирана економија мора да има долгорочна енергетска стратегија. Настапот домашните компании на странските пазари и конкурентноста многу зависат од цената на продуктот, а енергијата игра голема улога во формирањето на цените на производите. Ова се дел од поентите од отворањето на меѓународната конференција „Енергетика 2018“, која вчера беше отворена во Охрид, во организација на Здружението на енергетичарите на Македонија и Македонската енергетска асоцијација.
Евтината енергија, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, е условот за нашите компании да станат конкурентни на странските пазари.
„Енергијата е еден од клучните фактори во креирањето на цената на кој било производ. Доколку зборуваме за индустријализација на земјата, мораме да зборуваме за извозно ориентирана економија и индустрија. Не постои извозно ориентирана индустрија доколку таа не е конкурентна, а еден од факторите е и цената. Цената ја формираат повеќе фактори, но енергијата е еден од клучните. Затоа евтината енергија е предуслов за нашето стопанство да биде конкурентно, а тоа се постигнува преку енергетската транзиција и домаќинско работење во енергетските компании“, подвлече Анѓушев.
И македонските енергетски компании, според вицепремиерот, мора да ги препознаат можностите што ги нуди Законот за енергетика и со цел да станат поконкурентни во регионот, да направат интерни и внатрешни транзиции во нивното работење за да се приспособат во новиот енергетски свет и на новата енергетска транзиција. Тој нагласи дека енергетските стратегии, за да дадат резултати, се прават неколку децении однапред.
„Енергетиката како крвоток на индустријата мора да се планира долгорочно. Ако немате план за следните 10, 20 или 30 години, тогаш немате никаков план. Енергетиката мора да биде планирана на подолг рок, ако сакате да биде одржлива и сериозна“, истакна Анѓушев.
Тој смета дека енергетиката ќе се развива во насока на регионални берзи за електрична енергија, инфраструктура во гасоводните мрежи и глобалниот свет на нафтената индустрија. Очекува до крајот на годината да биде подготвен и законот за енергетска ефикасност, кога ќе биде ставен на јавна дебата, повикувајќи ги сите да учествуваат и да дадат свој придонес во комплетното формулирање на законското решение.
Науката, како што истакна директорот на МЕПСО, Сашо Василевски, треба да го трасира патот на енергетиката.
Компанијата ја модернизира мрежата, го отвора пазарот за електрична енергија. Најзначајна е модернизацијата на преносната мрежа, со изградба на пет нови далекуводи на постоечките траси, модернизација на осум трансформаторски станици, електроенергетското поврзување на Македонија и Албанија со нов 400 киловолтен далекувод и за неговите потреби нова трансформаторска станица во близина на Охрид, вели Василевски.
ЕЛЕМ, според директорот Драган Миновски, ја поддржува размената на идеи и размислувања во работната средина како еден од главните двигатели на секоја организација, додека пак размената на мислења, идеи и дискусии на ваков вид собири е можност за развој на целиот сектор и унапредување на сите субјекти кои се вклучени во конференцијата.