Додека се чека нов, ќе се менува стариот Закон за култура
Министерот за култура Асаф Адеми, националниот координатор за култура и поранешен министер за култура Роберт Алаѓозовски, посебната советничка за култура на премиерот Цветанка Ласкова, како и претставници на невладиниот сектор од областа на културата вчера расправаа за Годишната програма на министерството за култура на седница на собраниската Комисијата за култура.
Адеми во своето обраќање рече дека како министер и како човек кој длабоко ги почитува авторите и уметниците, нема да дозволи нивниот уметнички труд и ангажман да биде несоодветно валоризиран.
– Во таа смисла ги преземавме сите правни механизми. Рокот за продолжување на пријавите на конкурсот го продолживме за 30 дена, а стручните комисии ги преиспитаа поднесените апликации. Ги повикувам сите оние што сакаат да конкурираат, во иднина да доставуваат комплетни документации и почитување на законската регулатива – рече министерот.
Тој додаде, со цел за да се спречат незадоволствата и ваквите реакции и за следната година, ќе се менува актуелниот Закон за култура во делот на начинот на финансирање. Во процес е пак подготовката на новиот закон за јавен интерес во културата, но за да ја помине процедурата до стапување во сила, се чека и законот за јавната администрација.
Адеми рече дека ниту еднаш не го искористил дискреционото право за одлучување при финансирањето на проектите, туку оти тоа го оставил на стручните комисии, составени, како што рече, од долгогодишни професионалци во струката.
Магдалена Манаскова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, го праша министерот зошто некои национални установи добиле помалку средства, за разлика од одредени невладини организации што добиле повеќе пари за еден проект, посочувајќи ги примерите со Здружението „Еко вита“ и „Тралала“ кои добиле по 780.000 денари, а националните установи Музеј на Тетово добиле 440.000 денари и НУ Музеј на Гевгелија 630.000 денари за своите годишни програми.
Адеми повтори дека ниту една одлука не е донесена од негова страна, туку од страна на стручните комисии и оти стои на ставот дека сите нивни членови се професионалци.
Манаскова му одговори дека не се согласува со тоа и побара од министерот да ги достави биографиите на сите членови на комисиите.
Националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски рече дека проблемите со Годишната програма за култура се појавуваат од нејзиното инаугурирање во 1998 година.
– Забелешките кои културните работници ги искажуваа уште тогаш не се многу поинакви од оние што дури и во мојот мандат се изнесуваа. Тоа укажува на тоа дека концептот на годишната програма не соодветствува на динамиката на културниот живот, на воспоставените културни, па дури и административни практики – рече Алаѓозовски.
Тој истакна дека уште како опозиција имале јасна претстава кои се недостатоците и каков треба да биде новиот концепт, особено на финансирање на културата.
Алаѓозовски се осврна на програмата за култура од 2017 година, по што пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, му порача дека заборава оти повеќе не е министер за култура.
Таа го обвини дека додека бил министер, одобрил околу 15 милиони денари на неговите пријатели од „Јадро“, каде што влегува и „Контрапункт“, чиј основач е тој, на што Алаѓозовски возврати оти тоа е евтина партиска конфронтација и оти од 2007 година не е повеќе член на тоа здружение и оти немал никаков конфликт на интереси.
Цветанка Ласкова, посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев, во обраќањето посочи дека за разлика од порано, средствата од Годишните програми за култура се доделувале во затворен круг и на мал број апликанти, а сега корисници се поголем број граѓани.
– Учествувам во координирање на културни настани, давам предлози за конкретни проекти, со цел спроведување на Програмата за развој на културата и на Националната стратегија за развој на културата – рече Ласкова.
Пратеничката Лашкоска ја праша Ласкова како таа со големо искуство во естрадата, која и самата има фолк-хитови од фестивалот „Валандово“, фестивалот оваа година да добие само еден милион денари, за разлика од претходната власт кога добил три милиони денари.
Ласкова на тоа одговори оти не немала улога во одлучување за проектите, туку нејзина работа била само да се информира и да изврши увид во Годишната програма, особено по реакциите во јавноста.
Министерството за култура на својата интернет-страница завчера ги објави финалните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
„По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите и во согласност со Законот за општа управна постапка (член 39 став 3 ), на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив. Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори“, соопшти завчера Министерството.