Дебата за прислушувањето: Полиграф пред вработување во ОТА


Прецизирање на законските решенија за реформи на системот за прислушување, усогласување со Уставот и другите закони, како и со нормите на ЕУ, заштита на личните податоци на граѓаните, јасни и строги критериуми за избор на директорот на ОТА и на вработените, департизација на службата, се дел од препораките, кои произлегоа од денешната втора дебата за предлог-законите за следење на комуникации и за формирање на новата агенција, што ја организира Факултетот за безбедност.
Продеканот на Факултетот за безбедност, Марјан Ѓуровски вели дека пакетот решенија за следење на комуникациите излегуваат од дадените постојни рамки на Законот за кривична постапка и се во колизиција со две третини од другите постојни закони, со што се креира сива зона на тајната полиција.

– Спротивно на препораките на ЕУ се зголемуваат ингеренциите на УБК, со што се создава т.н. шопинг центар на информации, кои може да се употребат надвор од овластувањата, вели Ѓуровски.

Александар Николов од невладината Асоцијација „Зенит“ смета дека законските решенија треба да се усогласат со законодавството на ЕУ и да обезбедат заштита на приватноста и личните податоци.Тој забележа дека со законските решенија не се нуди заштита од злоупотреба од технологијата, која не е прецизирана и може само да се претпоставува за каков вид се работи.

Учесниците имаа забелешки и во однос на критериумите за избор на директорот и на вработените во ОТА. Полковник Горан Василевски вели дека секој кој сака да се вработи во која било безбедносна служба, треба да помине на полиграф. Таква одредба, треба, според него да содржи законот.

– Во други држави тоа се пропишува со уредби, во кои се вели дека тоа може да се прави и еднаш годишно доколку има истекување на класифицираните информации, додаде Василевски.

Учесниците заклучија дека е потребна и департизација на раководните структури.

Професорот Томе Батковски напомена дека во законските решенија е пропишано директорот да биде државјанин на Македонија, но нагласи дека таа одредба мора да се прецизира, така што јасно ќе се каже дека мора да биде единствено македонски државјанин, односно дека не смее да има двојно државјанство. Тоа, според него, треба да важи и за вработените, со оглед на природата на работата што ја вршат.

Директорот на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов нагласи дека во фокусот на реформите треба да биде подгигнување на организациската култура, во смисла на човечкиот фактор.
– Веќе имавме два скандали со прислушувањето, значи ние сме пробпемот, човекот е пробпемот, рече Иванов.

На дебата се обратија и претставници од надзорните комисии во Собранието. Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека опозицијата била вклучена во процесот на реформите, но сепак решението за формирање на ОТА е нешто што го донела самата Влада и нешто што опозицијата требала да го прифати.