Двајца поранешни владини функционери под истрага за злоупотреба на службена положба


Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава, донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, поради основано сомнение дека сториле по едно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено со Кривичниот законик.

Како што соопшти Јавното обвинителство во текот 2016 година првоосомничениот како функционер кој раководи со орган на државна управа за потребите на Владата на Република Македонија, одобрил образец – предлог барање за склучување на авторски договор за изработка на правно мислење за работи од областа на енергетски суровини.

Според склучениот договор авторот бил обврзан во период од еден месец да изработи авторско дело – интелектуален труд и извештај за севкупната работа и да го достави до нарачателот – Влада на Република Македонија.

Осомничените, како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, иако знаеле и биле свесни дека рокот согласно договорот не е испочитуван, ја злоупотребиле својата службена положба со намера на авторот да му овозможат противправна имотна корист.

За таа цел, второосомничениот во својство на службено лице – заменик министер потпишал лажна изјава дека договореното дело е завршено согласно бараните услови, а првоосомничениот со свој потпис ја одобрил исплатата на 1.352.400 денари со што нанеле штета на Буџетот на Република Македонија.