Дваесет години затвор за попречување на правдата


Ерол Ризаов

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски им должат јавна благодарност на премиерот Зоран Заев и СДСМ, на Специјалното јавно обвинителство и делот од судството што ја одработуваат најтешката работа од прогласувањето на независноста на државата. Преспанскиот договор со Грција, отстранувањето на блокадите за евроатлантски интеграции и чистењето на ВМРО-ДПМНЕ од криминалниот и компромитиран режимски врв се најголемиот ќар на партијата за што сега Мицкоски бара да бидат казнети добродетелите и тие што ја трасираа иднината на земјата, па така без да мрднат со прст сакаат да се вратат на власт, а не е завршена генералната дератизација во белата палата. Без мирната револуција на граѓаните, тоа што се случи со „бомбите“ и со СЈО, ВМРО-ДПМНЕ ќе се задушеше заедно сосе Македонија во сопствениот бербатлак.

Сега, кога полесно се дише, тие што ја попречуваат правдата наместо да одат во затвор бараат од граѓаните согласност да управуваат со државата оти била загрозена слободата на водачите и креаторите на паднатиот режим, на носителите на злоделата и злосторнички здруженија цели 11 години, но и на главните босови на криминалот и корупцијата. Премногу долго се во опозиција, ќе биде две нецели години, што ги прави ранливи на соочување со правдата. Главната и најтешката критика за новата власт е што не е како старата, па да расчисти експресно сè што ѝ стои на патот. Не ги бива, оти заевизмот не бил груевизам да реагира ефикасно со непријателите и предавниците. Не можат да поправат и украдат за две години тоа што е уништувано и ограбено за повеќе од една деценија. Каков безобразлук. Ете, тоа се случува во Македонија, најголем производител на светски бисери за рубриките верувале или не.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски зборува за страдањата на граѓаните во изминатите 28 години како да стасал од друга планета, а не од шинелот на Никола Груевски. Го слушаат внимателно новинарите на Прочка како држи лекции по демократија и право, навестува нови иницијативи, а не го прашуваат дали знае кој владеел неконтролирано со државата во тие 28 години. Или барем да го потсетат дека ВМРО-ДПМНЕ била на власт 17 години, а СДСМ 11 години. Ако не ја признава првата експертска влада и премиерот Никола Кљусев како свои, тогаш резултат од големите успеси е 16:12 во корист на патриотите. Во последните 17 години, ВМРО-ДПМНЕ 11 години беше непрекинато на власт. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ подолго без прекин на власт е само ДУИ.

Премиерот Зоран Заев, пак, не ја симнува простодушната насмевка на подготвеност за помирување со арамиите и злосторничките здруженија кои ја унакажаа Македонија. Фајтерот во опозиција стана дипломат на власт. Заев прилично наивно сака помирување заради отпочнување на преговори со ЕУ и остварување на реформите за побрз влез во Европа, што е невозможна работа ако е на сметка на владеење на правото. Бара фер натпревар со политички противници за тоа кој побрзо ќе стаса до целта, членство во ЕУ. Тоа е исто како со Мицкоски и Ахмети на партија за преферанс да игра табланет. Тие играат друга игра, поинаку ги бројат бројките и сосема друга им е целта. Влезот во Европа и спасувањето од правдата се различни работи на сосема спротивни страни. Секое пазарење со обвинети за организирање и нарачување на упад во Собранието е еднакво да се седне врз бомба со запален фитиљ која самиот си ја фрлил кон узурпаторите на власта и арамиите.

Ќе ве обвиниме за попречување на правдата ако ги прикривате доказите во истражната постапка. Оваа чудесна реченица е законска обврска, главен столб на кој се потпира владеењето на правото во земјите каде законите важат подеднакво за сите. Во Македонија нема таков закон, па затоа секој ден гледаме јавно спречување на правдата и тоа во еден пресуден период за иднината на земјата кога првпат има успешни обиди за ослободување на заробената држава. Како паѓаат пресудите со затворски казни така трескавично се бараат милион начини со разни уцени и политички договори да се спречи правдата, да се спасат осудените да не одат во затвор, а осомничените да се ослободат од судски постапки. Се оди дотаму што политичари како Мицкоски бараат да се сменат јавни обвинители, да се укинат обвинителства, да се постават партиски обвинители и во СЈО и во редовното јавно обвинителство по партиски избор, да се прогласат осуденици за невини и за неправедно осудени. Да бидат народни херои и свети маченици тие што избегале од правдата со помош на моќните попречувачи на владеење на правото. Сите овие поддржувачи на криминалот и корупцијата, на кршење на човековите права, на организаторите на крвопролевање во Собранието, во правни држави би биле поодамна сместени во затвор. Кај нас попречувачите на правдата бараат власт.

Предупредувањето за попречување на правдата е волшебна формула во правните држави која ги одврзува јазиците на сведоците и на сите опфатени со истрагата кои располагаат со одредени сознанија кои треба да бидат изведени пред судот како докази. Обидот за попречување на правдата во зависност од тежината на престапот може да заврши со повеќегодишна затворска казна, во некои тешки случаи и над 20 години. Во Македонија неслучајно нема ваков закон, поради што безобѕирноста и ароганцијата е дојдена до степен кога главни попречувачи на правото и правдата се тие што треба да ги почитуваат и спроведуваат законите најревносно, почнувајќи од претседателот на државата, врховни судии и редовни јавни обвинители, од пратеници во највисокиот законодавен дом, од политичари, премиери, министри, лидери на партии со свои соработници и од полицајци, вештаци и истражители и разни други поголеми или помали алки од големиот синџир што го означува правосудниот систем и владеење на правото. Во правосудниот систем го нема реформскиот закон број еден за судството кој предвидува остри казни за попречување на правдата, во зависност од тежината на кривичното дело. Се носи со 61 глас во парламентот, ќе биде многу интересно да се види кој е против.