Голем пожар на влезот на Струга


Голема површина сува трева и трска е зафатена во пожар што попладнево избувна на влезот од Струга на потегот од хотел „Аполонија“ до кружниот тек кај „Еврохотел“.

Пожарот е локализиран, и противпожарните екипи работат на целосно гасење, како што информира заменик командирот на Територијалната противпожарна единица Ристе Талевски.

– Екипите на ТППЕ Струга се на терен со четири возила и 10 пожарникари. Пожарот го локализиравме и работиме на целосно ликвидирање – изјави Талевски за МИА.

Постоела опасност пламените јазици да се прошират и да зафатат објекти, како и бензиска пумпа, која се наоѓа на овој потег.

– Ова е уште еден доказ дека несовесноста кај граѓаните може да доведе до голема катастрофа – подвлече Талевски.