Географската одредница не ја стресе земјата


Од одобрување преку револт до рамнодушност. Изјавата на премиерот Зоран Заев дека прифаќа промена на името на Република Македонија, односно име со географска одредница, предизвика различни чувства кај македонскиот граѓани, иако генерален впечаток е оти првата ваква изјава на толку висок функционер во земјава не предизвика толкав одек колку што се очекуваше. Полемиката главно се сведува на лицитација околу понудените Северна, Горна, Вардарска или Република Македонија (Скопје), кои се исцртаа како граница на нашата попустливост, односно цврстиот став да не се задира во македонскиот идентитет и јазик, како и во Уставот што го подржува убедливо мнозинство од Македонците. Кај албанскиот политички фактор, преовладува мислењето дека компромисот со Грција е нужен по секоја цена, по што ќе ни бидат отворени вратите од евроатлантските процеси.

Изјавата на Заев дадена како одговор на инсистирањето на грчката Влада, „Скопје конечно да излезе, јавно да каже која ќе биде додавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните“, се случи во време кога лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е во посета на САД. Неговите заменици, но и официјално од партијата не ја дочекаа на нож ниту потврдата дека ќе се менуваат имињата на аеродромот „Александар Велики“ и автопатот „Александар Македонски“, иако потенцираа дека „не гледаат иредентизам во имињата“. Од Заев бараат да ја информира јавноста кое е тоа име, дали ќе има англиска транскрипција и дали е само за меѓународна употреба?

Дали освен неговата подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на Уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија? Заев ѝ должи одговор на јавноста што сѐ има прифатено во Давос, доколку се точни наводите на грчкиот министер за надворешни работи. Доколку не е точно дека е постигнат договор, граѓаните очекуваат да бидат демантирани информациите кои се лиферуваат од грчка страна. Јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот со соседна Република Грција или претставува еднострана отстапка од страна на Република Македонија. Владата донесе одлука, но досега нема појаснување ниту за придобивките од стратегијата, што отвора сомнеж дека повторно се работи за концесии од кои Македонија нема никаква корист“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов смета дека тоа што го рекол Заев е сосема нормално и оти не би пречела некаква географска одредница на името.

Со изјавата на премиерот го разбиваме тврдењето на Грција дека сакаме есклузивитет врз терминот ‘Македонија’, имајќи предвид дека половина од територијата од Македонија е во Грција. Докажуваме дека немаме амбиција да ја обединуваме Македонија. Што се однесува до промена на Уставот, сметам дека за тоа никој не може и не ни врши притисок од страна, бидејќи е наша работа. Тоа прашање е расчистено со Привремената спогодба потпишана од двете држави на 13 септември 1995 година, како и од меѓународниот посредник Сајрус Венс и е во согласност со резолуциите 817 и 845 на Обединетите нации“, ни изјави Андов.

И аналитичарот Милан Стефановски смета дека изјавата за име со географска одредница е очекувана во ситуација која јавноста имаше право да знае кои се нашите позиции по зачестените средби и состаноци од двете страни. Потенцира дека овој важен процес се води нетранспарентно од сите досегашни влади.

Очекував некој од врвот на Владата да соопшти нешто по изјавата на Коѕиас дека во Давос е договорена географска одредница и дека македонската Влада треба да го соопшти тоа на своите граѓани. Во ред е тајната дипломатија да си ја врши својата задача, но не е во ред процесот да биде толку далеку од очите на јавноста дотолку повеќе што постои конзенсус меѓу двете најголеми македонски партии, договореното име да се стави на увид на граѓаните и дека тоа договорено име ќе биде ставено на референдум. Изјавата во контекст ‘прифаќаме’ географска одредница, а граѓаните, НВО и експертите не знаат која е таа, го става премиерот во многу незавидна позиција, бидејќи тој во сите изборни кампањи е првенец во креирање на политики за транспарентност за прашањата од витален интерес на државата“, анализира Стефановски.

Поранешниот пратеник на ДУИ, Рафис Алити, вели дека ја подржува реториката на премиерот и оти во интерес на целата држава е да биде пронајден компромис со Грција, по што би можеле да очекуваме влез во НАТО и во ЕУ. Слично размислуваат и во БЕСА, од каде повторуваат дека нивниот став за името на државата е тоа да ја претставува мултиетничката реалност.

Во врска со преговорите, и нив ги подржуваме, иако сме исклучени од можноста директно да допринесеме, бидејќи како политички субјект наша цел е влез на Македонија во евроатлантските структури“, ни рече портпаролот на БЕСА, Абдуш Демири.

Од друга страна, претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Мето Колоски смета дека Македонците направиле многубројни отстапки за да ја задоволат Грција и грчкиот народ.

Сега, премиерот Заев најави дека направиле две нови отстапки кон Грција: аеродромот доби ново име ‘Меѓународен аеродром Скопје‚, а автопатот кој води до Грција ќе се вика ‘Пријателство’. Ова е шамар врз лицето на сите Македонци кои се бореа и загинаа за слободна, суверена и независна Македонија. Кое пријателство и кои отстапки ѝ ги понуди Грција на Македонија? Дали ќе го преименува нејзиниот втор по големина аеродром од ‘Македонија’ во нешто друго? Дали ќе ѝ дозволи на Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ? Грција не направи ниедна отстапка кон Македонија и македонскиот народ“, револтиран е претседателот на ОМД.

Кај дел од корисниците на „Фејсбук“ со десничарска ориентација, доминираат фотографии со куршуми од пиштол потпишани со пораката: „Време е“. Поранешната пратеничка Солза Грчева напиша дека „ако некој сака да има географски поим во името, ќе речам Долу Влада!“.

Кој има право да ја преименува Македонија? Никој и никогаш! Само луѓе без корен, без семејни традиции, луѓе кои не оставиле траги во минатото, сакаат да ја кројат нашата иднина. Македонија не е фирма, па да се ребрендира“, подвлече Грчева.

Горан Адамовски