Вулин бара етничко разграничување на Косово за да се спречи создавање на голема Албанија


Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека Србија треба да предложи разграничување на Србите и Албанците на Косово, со цел да се стави крај на спорот за косовскиот статус и да се отвори перспективата за интегрирање во Европската унија.

– Нема суштинска разлика меѓу Албанија, Македонија, Црна Гора и територијата која што ние ја знаеме како Косово и Метохија. Поради тоа, процесот на создавање на Голема Албанија мора да биде запрен. Зборуваме за историски судир на две нации, изјави Вулин во интервју за весникот „Блиц“.

Тој вели дека албанските повици за проширување во српска територија до Ниш не треба да се игнорираат, и дека поминале неосудени од ниту еден албански политичар.

Европската унија денеска ја претстави својата стратегија за проширување кон Балканот, која предвидува можност за Србија и за Црна Гора да влезат во ЕУ до 2025 година, при што главно барање упатено до Србија е да ги регулира своите односи со Косово. Српските политичари, вклучително и претседателот Александар Вучиќ, повикаа на дијалог внатре во српското општество за да се определи став кон Косово.