Во Гостивар ќе се гради аква парк
Гостиварската локална самоуправа започна процедура за изградба на комплекс за забава со аква парк. Новото забавно катче треба да никне покрај десниот брег на Вардар во населбата Дутлок.
Во конкурсот што минатата недела општината го објави преку електронскиот систем за јавни набавки, се бара идејно решение за изградба на воден парк со пропратни содржини. Општинските власти веќе ја предвидоа локацијата во ДУП за блок 16 во зоната која е предвидена за спортски-рекреативни активности, каде што веќе постојат спортски терени.
– Најдоброто решение на конкурсот треба да ги почитува основните принципи и правила во проектирањето и урбанистичкото планирање и ќе биде откупено за 50 илјади денари. Конкурсот предвидува да се откупат и уште два дополнителни идејни проекти, велат од службата за информирање на општина Гостивар.
Од таму потенцираат дека изградбата ќе биде економична за општината и нема да го оптовари општинскиот буџет, бидејќи целосната реазлизација ќе биде на принцип на јавно-приватно партнерство.
Со овој проект на општинските власти на гостиварци во иднина ќе им бидат на располагање содржини на водна површина со над две илјади квадратни метри. Идниот аква парк треба да има: базени за спирални тобогани, за брзи тобогани базен со бранови, мрзлива река, плиток базен за деца до четири години, детски базен за деца од четири до 14 години.
– Овој проект требаше да се реализира оваа година, но заради проблемите со изгласувањето на буџетот во Советот на општината рокот за реализација се помести за наредната 2019 година, појаснуваат од општина Гостивар.
Покрај технички простории, паркинг, гардероби, тоалети, во овој комплекс треба да функционираат ресторан и кафетерија.
Конкурост за избор на идејно решение трае до 26 јуни, по што посебна комисија ќе ги оцени и избере трите најдобри.