ВМРО-ДПМНЕ: Нон-пејперот го прикажа вистинското светло на чистата препорака


Нон-пејперот од европските државници како меур од сапуница ги распрсна лажните надежи и ветувања до граѓаните од Зоран Заев и Радмила Шекеринска за евроатлански интеграции како велеа, најдоцна за 6 месеци, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нон-пејперот го прикажа вистинското светло на лажната кристално чистата препорака за отворање на европските преговори! Нон-пејперот и реакцијата на власта по него, ја покажа вистинската игра- дека оваа „ЌЕ влада“ евроатланските интеграции ги сведува само на распродажба на македонските национални и државни интереси. Нон-пејперот ги затвори устите полни со Извештајот на Рајнхард Прибе на актуелната власт! Нeма реформи, туку само партизација и злоупотреба на системот. Европската Унија гледа што се случува во Македонија и образложенијата „ВМРО е виновно за се” кои ги пласираат, веќе не минуваат. Од ЕУ чекаат реализација на реформите“, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повторуваат ставот дека Франција, Холандија и Данска не се непријатели на Македонија и не измислуваат, тику упатените критики во нон-пејперот биле содржани и во извештајот, кои власта претходно ги игнорирала.
„Наместо напредок и реформи оваа “ЌЕ ВЛАДА” донесе стагнација и уназадување во сите области. Животот кој го ветуваа го заменија со антидржавно и антинародно владеење. Ова веќе не е Влада, ова е јарем околу вратот кој ја турка државата се подалеку од Европа“, додаде Стоилковски.