Владината коалиција на стрес – тест
Несогласувањата меѓу коалициските партнери во Владата, ДУИ и СДСМ, освен за референдумот околу решението за името, се проширија и во законодавниот дом. Демократската унија за интеграција и СДСМ не можат да се согласат како да помине законот за употреба на јазиците и со тоа на пратениците од опозицијата да им ја отворат вратата да се вратат во Собранието, нешто за што инсистираа европратениците кои беа во посета на Македонија. Социјалдемократите бараат да му се даде време на дијалогот со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и да се најде заеднички јазик околу законот за јазиците, кој веќе неколку месеци стана пречка за нормалното функционирање на парламентот, додека ДУИ инсистира директно да се гласа за законот, а амандманите на ВМРО-ДПМНЕ од страна на парламентарното мнозинство да се протолкуваат како неуставни.
Според достапните информации, но и интервјуто на спикерот Талат Џафери за „Алсат М“, несогласувањата се до таа мера големи што некои пратеници на социјалдемократите размислуваат да не гласаат за овој закон. Истовремено, Џафери апелираше до политичките партии, а особено до парламентарното мнозинство, да изнајдат начин да ја одблокираат работата на Собранието бидејќи се исцрпени сите законски чекори што би можел да ги преземе како прв човек на Собранието.
„Не е прашањето кој не го одржа зборот. Јас сум спикер на парламентот и поради тоа не зависам од ничиј збор, туку зависам од процедурите. Не случајно како прв човек на парламентот имам право да проценам што сѐ може да се случи на пленарна седница и дали има парламентарно мнозинство за гласање. И покрај потребниот број присутни пратеници во Собранието, на политичките партии треба да им укажам дека нешто не функционира, така што во таа насока до парламентарното мнозинство испратив информација дека во неговите редови, поточно во СДСМ, има пратеници што се изјасниле со резерви, а ова не го кажале во директна комуникација. Врз основа на информациите што ги поседувам, дојдов до заклучок дека има проблем со гласањето“, изјави Џафери додавајќи дека за да помине овој закон треба да гласаат најмалку 61 пратеник, бројка што засега ја нема парламентарното мнозинство.
Премиерот Зоран Заев од друга страна негира дека парламентарното мнозинство се наоѓа во криза и спротивно на тврдењето на Џафери уверува дека сѐ е под контрола и дека пратениците од СДСМ ќе гласаат за законот на јазиците. Недостатокот на кворум, според Заев, била главната причина поради која била одложена 32. пленарна седница во Собранието.
Освен изјавите на премиерот Заев и на спикерот Џафери, политичките партии молчат околу оваа епизода и не даваат никакво објаснување зошто не се одржа седницата и што ќе се случи со законот за употреба на јазиците. Но, сепак, законот за јазиците доби нов рок, односно претседателот на Собранието Талат Џафери на политичките партии им даде една недела да постигнат политички договор за ова прашање. Џафери не ја отфрли можноста, ако СДСМ и ДУИ се договорат, на наредната седница директно да се прејде на гласање за донесување на законот за употреба на јазиците, без притоа да се прифати разгледување на 35. илјади амандмани што ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од политичките аналитичари, сепак, изнесуваат остри критики до политичките партии, а особено до коалициските партнери во Владата, ДУИ и СДСМ. Аделина Марку преку социјалните мрежи по пропаднатиот обид да се изгласа законот за употреба на јазиците во Собранието, порача дека политичките партии немаат доверба една во друга.
„Голема недоверба меѓу етничките партии. Не знам како на друг начин да го протолкувам oва. Недоверба која е дури поголема од цената на самата држава. Половина од мојот живот го поминав надевајќи се дека оваа недоверба ќе се намали. Ја снемува довербата, ја снемува надежта. Таа недоверба изгледа стана силен фактор над самата држава која генерира регрес во Македонија. Ова се случува околу законот за јазиците. Се исцрпуваат очекувањата и трпеливоста. Ова не е добро“, напиша Марку.
Алајдин Демири, пак, смета последниот пропаднат обид да се изгласа законот за јазиците покажува дека ДУИ сѐ уште е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а не со СДСМ.
„Фактот дека Џафери не го постави веднаш законот на гласање, покажува дека има недоразбирање со ВМРО-ДПМНЕ и оваа тешка ситуација треба заедно да ја надминат. Фактите укажуваат дека Талат Џафери немаше потреба да ги третира амандманите, но во договор со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тој се согласи да се расправа за нив. Само преку бајпасирање на законот за употреба на јазиците може да се надмине ова тешка фаза за Македонија и ова е во согласност со ДУИ“, рече Демири. Според него, само ако гласањето на законот за јазиците се одложи за некое друго време, Македонија може да смета за одблокирање на работата на Собранието.
Блерим Исмаили