Влада: Нема иницијатива за размена на споменици


Нема иницијатива за размена на скулптури, велат од Владата, по информациите објавени од грчките медиуми дека грчката министерка за култура Мирсини Зорба предлага да се направи размена на скулптури, односно, „Воинот на коњ“ од Скопје да замине во Грција, а кај нас да дојде познатата скулптура „Тркачот“.
– Преспанскиот договор е потпишан со цел да се унапреди соработката помеѓу двете земји, што ќе придонесе и во економски развој на регионот. Ние сме фокусирани во имплементацијата на Преспанскиот договор. Според договорот во наредниот период сите споменици кои припаѓаат на Хеленската историја ќе бидат означени како такви. Во моментов не постои друга иницијатива во Владата на Република Северна Македонија – велат од Владата.
Грчката министерка за култура, во официјална изјава за новинска агенција АНА-МПА, демантираше дека постои таков предлог, но од друга страна авторот на „Тркачот“, Костас Вароцос тврди дека во разговор со неа била спомената таа идеја.